На чекор од автокефалност…

//

Пишува: Никица Корубин

“Ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј” врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален Акт. Се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание. Како име на оваа Црква го признава „Охридска” (имајќи ја на ум како област на нејзината јурисдикција владението во границите на државата Северна Македонија“.

Денешната вест за одлуката на вселенската патријаршија во Истанбул, за клучниот чекор во долгата борба за враќање на автокефалноста, го објаснува молкот за една друга вест, која се чуваше во медиумска тајност повеќе од една недела. Прашањето само се наметнува, дали всушност се чекаше исходот од денешниот синод на Вселенската патријаршија за да дознаме дека:

“По долги години прекин во комуникацијата, МПЦ – ОА и Српската православна црква одржаа средба во Ниш, на која се разговарало за воспоставување на канонско единство.Веста за враќањето на дијалогот на маса ја објави епископот Фотиј, кој навести дека ова сценарио е можно уште овој месец, на мајскиот Собор на СПЦ во Белград.



“Оваа скандалозна, мистериозна средба, во која ни помалку ни повеќе се разговарало за “канонско единство”, како точно се совпаѓа со борбата за “автокефалност”? И точно кој преговарал и за што?

Што да очекуваме, црквата сега сама да се повика на секуларниот карактер на државата и да каже дека тоа е “црковна работа”? А, особено е интересно што за ова ќе каже политичкиот естаблишмент кој отворено се залага за автокефалност, не пропушта религиозен празник да ја покаже одвоеноста на црквата од државата, а особено посветено се грижи за црковниот имот и посед. И исто толку не се грижи за храмовите и живописите како за културно наследство. Што ќе коментира и поздрави, првата добра вест или втората “скриена” вест?

А, особено е интересен ставот на сите загрижени за “идентитетот и самобитноста”. Како ќе ги примат двете вести во пакет, и тие ли ќе се повикаат на секуларноста? Оваа вест од вселенската патријаршија е исклучително значајна, во историски контекст. И никакви манипулации со стари, скриени вести не можат да ја засенат.

Но, некако отсуствува хистеријата, прозивањето и повикот за “предавство” поради тајните преговори за единство со Српската православна црква? За христијаните ми е прашањето. А, можеби и за атеистите, агностиците и сите останати, а највеќе за односот, односот кон нас самите. Која дефиниција на идентитетот е прифатлива и за кого. Добро се гледа по односот токму и кон ова прашање. На чекор до автокефалноста … средба во Ниш. На чекор до ЕУ …. ќе почекаме да видиме.

Претходна статија

Во Цариброд ќе биде отворена изложбата „Погромот во Босилеградско 15-16 мај 1917 г.“

Следна статија

(Во живо) Во Софија се одржува „Марш против рускиот фашизам“

Најново од Истакнато