|

На МОН првпат му се заканува тужба за дискриминација, без ниту еден учебник почна годината за трето- и за шестооделенците

Од вкупно 126 учебници, потребни за сите задолжителни и изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на оваа школска година Министерството за образование не обезбедило 43 учебници, односно недостигаат 34 % од учебниците, соопшти денес Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. На Министерството за образование му се заканува тужба за дискриминација од Комисија оти, како што извести Весна Бендевска, со комплет учебници оваа година ја почнаа само прво и второ одделение. Образование не успеало да го отстрани недостигот на учебници констатиран во мај годинава, а поради огромниот број дискриминирани ученици, Комисијата има можност да поведе тужба пред судот, покрај можноста да поведе прекршочна пријава.

„Само учениците од прво и второ одделение ќе имаат учебници по сите наставни предмети, на сите наставни јазици. Учениците од трето одделени ја почнуваат учебната година без ниту еден учебник. Учебниците по македонски, албански, турски и босански јазик не се готови. Допрва следуваат, како што пишува МОН, печатење, преведување и дистрибуција. Можеме да претпоставиме во каков временски период ќе се случи ова, но МОН ова го нарекува ‘учебникот е во завршна фаза’. Во истата фаза се наоѓаат и учебниците по природни науки и општество за трето одделение. Учебникот по српски јазик нема ниту одобрение од Националната комисија за учебници. Ќе нема учебник по математика ниту, пак, досега е распишан јавен повик за формирање авторски тим, а овој учебник ќе мора да биде преведен и на сите јазици на кои се одвива наставата“, вели Весна Бендевска од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Учениците што ја следат наставата на албански, турски и на босански јазик од четврто, петто и од шесто одделение нема да имаат учебник по македонски јазик, иако им е задолжителен предмет. Министерството ја известило Комисијата дека причина за тоа е што пријавените автори биле „несоодветни според нормативот за наставен кадар“.

Ракописот за петто одделение не бил одобрен од Националната комисија откога ги поминал сите фази. Бил одобрен, бил рецензиран, бил лекториран, но Националната комисија го отфрлила, а за учебникот по македонски јазик за заедниците за шесто одделение никој не пројавил интерес и не е формиран авторски тим.

Учениците од петто одделение ќе немаат учебник по новиот предмет историја и општество.

„Тоа е истиот оној учебник што беше одобрен од Националната комисија уште во ноември 2022 година, отпечатен и дистрибуиран до училиштата, но поради клучни содржински грешки, Монт Еверест чинам беше висок 22 километра, а Бугарија беше нашиот западен сосед, се повлече од употреба во мај 2023 година. МОН во документот тврди дека во меѓувреме обезбедиле нов авторски тим и ракописот бил во фаза на одобрување. Рана фаза“, рече Бендевска.

Учениците од шесто одделение оваа година ќе немаат учебник по ниту еден задолжителен предмет од вкупно 10 наставни предмети за кои сè уште нема ниту одобрување.

„За учебникот по историја и општество не бил доставен ниту еден ракопис. За учебникот по српски јазик, МОН вели дека се пријавиле автори што биле несоодветни според нормативот за наставен кадар, па повторно објавиле повик за формирање авторски тим. Учебникот по математика бил во завршна фаза на одобрување, но да не заборавиме дека тој ќе мора да биде преведен и на сите други јазици“, објасни Бендевска.

Учениците од седмо, осмо и од деветто одделение оваа година наставата ќе ја следат посред старата програма. МОН најави дека реформата нив ќе ги зафати од следната учебна година.

„Ова претпоставува дека тие ќе ги користат старите учебници, освен учебникот по географија, кој, иако е одобрен, не може да се користи поради, како што наведуваат, проблеми со преносот на материјалните авторски права со авторот. За предметот историја за седмо одделение се два учебника. Историја за осмо одделение и историја за деветто одделение, два учебника од разни издавачки куќи. МОН, цитирам, во моментот не нарачува дополнителен тираж поради историската комисија. Овие пет -шест учебници не се земени предвид во учебниците што недостигаат. Комисијата не може да утврди дали учениците ќе ги користат постојните учебници или не“, вели Бендевска.

Недостигаат и вкупно 20 учебници по странски јазици како прв и втор предмет за сите одделенија од прво до деветто. Тие сè уште немаат одобрение за употреба, кое го дава педагошката служба како орган при Министерството. Бендевска извести дека за сите постои забелешка дека се во напредна фаза на одобрување, но не може да се претпостави колку ќе трае оваа фаза.

Комисијата утврдила дека МОН не ја отстранило констатираната повреда на правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема популација ученици од основното образование во зададениот рок, 31 август.

„Констатираната дискриминација не само што не е отстранета за оваа учебна година туку е од многу поголеми размери од оние што Комисијата ги утврди на крајот на јуни 2023 година. Голем број ученици што учат на сите наставни јазици во основното образование остануваат без учебникот како основно средство за стекнување знаења. Таквите форми на дискриминација законот ги препознава како структурни, системски, дискриминација што ја прават институциите. Во таков случај Комисијата, во согласност со законот, има право да поведе пред суд тужба од јавен интерес против државните институции што не ја отстраниле дискриминацијата. Следната седница, која е во текот на оваа недела, како известител по овој предмет, ќе го елаборирам ова пред членовите и ќе донесеме конечна одлука. Тоа ќе биде прв случај Комисијата да побара ваква судска заштита“, рече Бендевска.

Министерот за образование, Јетон Шаќири, минатата недела на посебна прес-конференција извести дека се обезбедени сите учебници во електронска верзија, повеќето се и отпечатени, а мал дел се печати и ќе биде доставуван до училиштата во текот на септември.

Слични Објави