На прославата за 3 Март бугарскиот премиер Кирил Петков порача: Бугарија над сè!
„Денес не е време за политички пароли. Време е да кажеме Бугарија над се, време е да се свртиме кон бугарските идеали. Тоа е патриотизмот“, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков на денешната прослава на нивниот национален празник, 3 Март, денот на потпишувањето на Санстефанскиот договор, кој во Бугарија се слави како ослободување на земјата од Османлиското ропство.
На 3 март 1878 година, по завршувањето на Руско-турската војна (1877-1878), во гратчето Сан Стефано, кај Цариград, бил склучен мировен договор, познат како Санстефански мир.
Со договорот е создадено и автономно кнежевство во вазален однос спрема Турција – Бугарија во етничките граници. Во кнежевството било предвидено да влезе цела Македонија, но поради несогласување на Австро-Унгарија, Германија и на другите големи сили со превласта на Русија во Источна Европа, на Берлинскиот конгрес (13 јуни до 13 јули 1878 година), договорот бил ревидиран.
На врвот Шипка официјална делегација одаде почит на загинатите пред 144 години во борбата против отоманското ропство, во време на Руско-турската ослободителна војна 1877-1878 година.

