| |

Националниот дворец на културата во Софија одбележува 45 години со изложби, концерт и пригодни настани

Еден од симболите на бугарскиот главен град Софија, Националниот дворец на културата (НДК), одбележува 45 години од своето отворање. Објектот, изграден меѓу 1978 и 1981 година по повод 1300-годишнината на бугарската држава, денес претставува значајно културно и општествено средиште во Софија, пишува БНР.

По повод јубилејот, на 2 април ќе биде отворена фотографската изложба посветена на изградбата на комплексот. „Луѓето ќе можат да видат фотографии од градењето, во кое учествувале не само софијанци, туку и луѓе од цела Бугарија, Виетнам, Југославија, Романија и Кипар“, изјави маркетинг директорот на НДК, Иво Чифлички. Тој додаде дека комплексот вклучува и значајна подземна инфраструктура, меѓу која и една од првите метро-станици.

На 31 март, датумот што се смета за роденден на институцијата, ќе се одржи свечен концерт „Симфонија на времето“ со учество на Софиската филхармонија под диригентство на маестро Најден Тодоров и бугарската естрадна прима Лили Иванова.

Во рамките на програмата се предвидени и изложби посветени на уметноста и историјата, меѓу кои и експозиција со дела инспирирани од Бојанската црква, како и изложба на современи бугарски уметници.

Според Чифлички, НДК останува уникатен пример за културно-архитектонски комплекс: „Во светот има многу конгресни центри, но ваков, посветен на националната култура и со ваков синтез на уметности, не може да се види никаде“.

Слични Објави