Националниот етнографски музеј во Софија одбележува 120 години од неговото основање
Националниот етнографски музеј при Бугарската академија на науките одбележува 120 години од основањето во 1906 година со јубилејна програма под мотото „120 години – 120 минути во НЕМ“. По тој повод, секој викенд музејот нуди бесплатен влез од 10:00 до 12:00 часот, јавува БНР.
Музејот од 1953 година се наоѓа во поранешниот Кнежевски дворец во центарот на Софија. Дел од неговата колекција била уништена или оштетена за време на бомбардирањата врз градот, но значителен дел од фондот бил зачуван.
Меѓу главните изложби во јубилејната програма се „Да се преселиш на село“ и „Ѕвезденото небо – митологија и наука“, посветена на верувањата за космосот и нивното место во фолклорот.
„Етнографијата е многу повеќе од накит, керамика и архитектура. Таа е поврзана со човекот, заедниците и културата“, изјави директорката на Институтот за етнологија и фолклористика со Етнографски музеј при БАН, доц. д-р Мила Маева.
Таа најави дека во следните месеци јубилејната програма ќе биде дополнително збогатена со настани и иницијативи насочени кон деца, ученици, студенти и нова публика.
„Целта ни е музејот да стане попознат и повидлив и неговите сали да бидат место за комуникација и непосреден допир со културното наследство“, посочи Маева.

