Надзор или параван – која е суштината на парламентарниот надзор?
Никица Корубин
Согласно уставот, Собранието “врши политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието”; а согласно Деловникот на собранието “со надзорната расправа, Собранието врши политичка контрола и надзор над Владата, Надзорната расправа се одржува со цел да се добијат информации и стручни мислења за прашањата од делокруг на матичното работно тело во врска со утврдувањето и спроведувањето на политиката, извршувањето на законите и другите активности на Владата и на органите на државната управа.” Во јасната уставна поставеност на поделба на властите, каде собранието уставно е над извршната власт.
Со други зборови целта на парламентарниот надзор е да го контролира “спроведувањето на политиката” и “извршувањето на законите” односно дали таа “политиката” е во согласност со “законот” и последователно со уставот. Дали законската надлежност на било кој именуван функционер/носител на јавна функција или институција се извршува законски или не; е ултимативната цел на парламентанриот надзор. Согласно сите прибавени информации и стручни мислења. Логично и едноставно.
Толку едноставно, што доколку доследно, етички и професионално се спроведува нема да има простор било која надзорна расправа, како што е последната насловена како “Причини за утврдување на администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институципналната одговорност”; да се претвори во партиско/партократска платформа за пласирање на пропаганден наратив, без контрола од самото собрание кое (формално) го врши надзорот.
На суштинско и појавно ниво. Исмевање со уставот и уставната поставеност или исмевање со граѓаните кои се носители на легитимитетот и легалитетот на избраните од нив пратеници?
Но, во “заробената држава” на Прибе, никако да се разбере дека кога е во прашање парламентарен надзор, собранието (а, не партијата) е “едната” страна, а владата и останатите регулаторни тела се “другата” страна. Првата страна е “главна” (“супериорна”) и таа го врши надзорот, а не обезбедува сала и медиуми за партиско/владин ПР, која е всушност “другата” (“инфериорна”) страна која треба да обезбеди одговор (материјално и вербално). И токму таа динамика, на суштинско, но и појавно ниво е клучна. Кој и што прашува, а кој одговара? И особено важно, што одговара?
Целиот механизам на водење на надзорна расправа е спознанието дека собранието, во име на граѓаните, ја контролира работата на владата и од него избраните тела; и дека тие се должни да дадат точен, прецизен и професионален одговор; на пристоен начин и во согласност со уставот, законите и деловникот на собранието. А, за спроведување на таа динамика е одговорно самото матично тело, и сите координатори кои ја имаат “процедуралната моќ”. Кои, ако функциораат како што треба никако нема да дозволат, “ПР сцена” за исклучително сериозна тема.
Но, всушност, надзорот не е “еднократен параван” на “брзо отворање и затворање на темата”; туку континуирана процедура на следење на примена на се’ што ќе се прибави како материјал и изјава, и ќе се донесе во форма на заклучоци – небитно дали во форма на препораки, обврски или насоки – затоа што секако уставот го определува “супериорниот” статус на собранието над работата на извршната власт и избраните регулатори.
По, примерот на Надзорната расправа за статусот на Охридскиот регион под заштита на УНЕСКО, од 2018 година; кога парлемантарниот надзор, иако продолжи со следење на примена на самите заклучоци; всушност остана пример за флагрантно игнорирање на парламентарниот надзор, кој и никогаш не беше продолжен после тој парламентарен состав до ден денес; со драматични последици по заштитата на културното и природното наследство на Охридскиот регион. Како исклучителен пример на реалната моќ на парлемтарниот надзор и исто толку реалното суспендирање на уставната поставеност на системот, во класичен партократски манир.
Функционалноста на собранието, а последователно и на парламентарниот надзор, е прашање на опстанок на парламентарната демократија, и воопшто на демократијата кај нас. Тоа не е “наратив” кој треба да “се продаде” и тема која треба да се компромитира; туку суштината на системот на уставна поставеност, која само во таква форма може да ја гарантира слободата на граѓаните и правото да бираат.
Во истиот ден кога собранието вршеше надзор (и над) народната банка, чија работа и избор на гувернер е под директна надлежност на истото собрание; таа “го даде” нејзиниот став за тековниот надзор – со поднесување на кривична пријава против пратеник, кој го врши самиот надзор, кој патем речено е уставно заштитен, а има и уставна обврска и право, да ги отвора сите можни теми, за кои има сознанија.
Поголема дистопија, на и онака “заробеното” општество, нема. И свесното “неразбирање” на тежината на ваквите постапки, во име на “сите се исти” и “партиско/партократска (не)допадливост” е всушност директно (со)учеништво во уништување на функционалноста на државата преку целосно дезавуирање и премолчување на нејзината нарушена уставна поставеност. Класично (само)саботирање, чии последици секогаш доаѓаат “на наплата”. Во духот на уште еден (не)успешен параван.
