|

Најдобрата студентка на Факултетот за безбедност, Ивана Мукоска, ќе биде дел од МВР, посочи Спасовски

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, се обрати пред новата генерација дипломци и магистранди на Факултетот за безбедност во Скопје при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола.

Истакнувајќи дека образовниот процес без сомнение е најважниот стадиум во академското профилирање на младите, Спасовски рече дека секогаш кога има можност да се сретне со млади луѓе им вели да бидат непобитни.

„Бидете љубопитни, бидете поактивни и секогаш да тежнеете кон подобрување бидејќи интегритетот е суштински за професијата што сте ја избрале или ќе ја изберете. Полициската работа подразбира стручност во спроведување на законите, кои значат заштита на човековите права, а ние како институции сме подготвени да ви ја дадеме нужната поддршка за вашето интегрирање во општеството, во безбедносната заедница на државата. Како министер за внатрешни работ особено се гордеам што можам тука пред вас слободно да кажам дека создадовме институција во која претставува чест да се работи. И морам да кажам дека воопшто не беше прашање дали треба да се реформира МВР, туку мораше да се направи тоа, да се воведат европските вредности во институцијата за самото општество да почне да функционира по европски терк“, истакна министерот Спасовски.

Притоа тој се осврна на фактичката состојба во поглед на стратешката трансформација на МВР за активностите што се преземени во насока на обезбедување високи стандарди на полициско работење и секако висок социјален статус на вработените.

„Со набавени опрема и униформи, кои и до 15 години не биле претходно набавени, со 80 реконструирани полициски објекти, со градба на ИКТ Центар во Прилеп, со кој се промени информатичката инфраструктура на МВР, со изградба на најсовремената форензичка лабораторија на овие простори, со воспоставен систем на итен хеликоптерски транспорт со медицинска опрема и опрема за гаснење пожари во Одделот за воздухопловни единици. И, секако, со 35 % зголемени плати и исплатени сите бонус плати по преземањето на раководењето со Министерството. Ова е само мал сегмент од сработеното, кое го постигнавме со идентичен буџет како тој од претходните раководства на МВР. Тоа е така затоа што работиме по принципи – на стручност, одговорност, правичност, дисциплина и, пред сè, подготвеност и волја за промена“, истакна Спасовски. Притоа тој ја истакна отвореноста на МВР за континуирана соработка со Факултетот за безбедност.

„Така, драги дипломци, ова се и принципите што во изминатите години сте ги акумулирале како знаење, кое сега треба да го преточите во практична операционализација. И уште еднаш сакам да потенцирам дека ние како институција секогаш сме биле отворени за целосна и континурирана соработка со вашиот Факултет, пред сè, во име на заедничката цел што ја споделуваме – гарантирање на севкупната безбедност на граѓаните и државата“, рече министерот Спасовски упатувајќи честитки до дипломците и магистрандите за трудот и успехот посакувајќи им успеси на личен и професионален план.

Пред традиционалното фрлање на дипломските капи министерот Спасовски пред аудиториумот рече дека денеска има донесено одлука, прогласената најдобра студентка на Факултетот, Ивана Мукоска, да биде дел од МВР, во Одделот за Европската Унија и меѓународната соработка, за што постапката почнува веднаш.



Слични Објави