| |

Најголемиот европски производител на оружје „Рајнметал“ ќе произведува гранати по стандарди на НАТО во Бугарија

Германскиот концерн „Рајнметал“, најголемиот производител на оружје во Европа, ќе започне производство на НАТО-стандардни 155-милиметарски гранати во Бугарија во соработка со државното претпријатие ВМЗ-Сопот. Ова произлегува од стенограмата на една од последните седници на бугарската влада, јавува 24 часа.

ВМЗ-Сопот и „Рајнметал“ ќе формираат конзорциум со бугарско учество во вредност од околу 1 милијарда евра. Заедничката компанија ќе управува со фабрика за производство на енергетски материјали и полнења, како и со фабрика за изработка на 155 мм муниција.

Министерот за економија, Петар Дилов, изјави дека станува збор за почетна концепција за создавање на заедничко претпријатие, а преговорите во изминатите месеци биле интензивни. „Рајнметал“ ќе пренесе и технологии во рамките на проектот.

155-милиметарските гранати се дел од НАТО-стандардот и ќе бидат потребни за новите хаубици што Бугарија планира да ги набави од Франција. Министерството за одбрана го поддржува проектот, а дел од производството би можело да оди и за потребите на Украина, каде што овој калибар се користи во војната.

За бугарското учество во конзорциумот ќе бидат потребни 960 милиони евра, средства кои ќе се обезбедат преку европскиот механизам за безбедност SAFЕ. Проектот се очекува да ја зајакне снабдувачката мрежа и да отвори нови работни места.

ВМЗ-Сопот во јули објави дека нарачките за 2025 година ќе достигнат 1 милијарда лева, а само во првото тромесечје реализирале продажба од 296,3 милиони лева – значително повеќе од 191,7 милиони лева за целата 2021 година.



Слични Објави