НАЈКУЛТНАТА РАКОМЕТНА САЛА ВО СКОПЈЕ СТАНУВА – ХРАМ НА КОШАРКАТА!

Објектот кој во првите две децении од самостојноста на Македонија важеше за главна асоцијација за ракометниот спорт во Скопје, како и место каде што спортските фанови ја прославија првата европска титула на еден наш колектив, од денеска ќе биде познат како – храм на кошарката.

Станува збор за големата сала во спортскиот комплекс „Кале“, во која во 2002 година Кометал Ѓорче Петров се искачи на ракометниот Олимп, во 2000 и 2005 беше европски вицешампион, а репрезентациите играа редовно пред преполни трибини. Таа памети многу епски пресметки и на Вардар како во европските купови, така и против Металург, а била домаќин и на Светски младински првенства во 2003 (жени), 2007 (мажи) и 2008 (жени). Во иднина, овој објект ќе биде познат како кошаркарски расадник со оглед што правото на стопанисување со него, засега сѐ уште неофицијално, е префрлено на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ).

Се очекува ова преземање во владение на досега најкултната ракометна сала во престолнината да биде тема на денешната прес-конференција закажана од Куќата на кошарката, во која од неодамна во улога на предводници се поранешните легендарни репрезентативци, Перо Антиќ и Тодор Гечевски. Тие би требало да ги претстават своите планови, односно да најават дека овој спортски објект ќе биде дом на сите национални селекции, односно место каде што 365 дена во годината ќе се брусат идните големи таленти на македонската кошарка.

Дека кошарката не е непознат спорт во „Кале“ говори фактот што во минатото оваа сала била дом и на неколку прволигашки и второлигашки екипи во машка и женска конкуренција, а во неа, неретко играше и најсилната репрезентација на Македонија во првите години по независноста. Последен голем сениорски кошаркарски настан организиран во овој спортски објект е завршницата од Купот на Македонија во 2005 година. Лани, пак, беше максимално дотерана за Европското првенство (ЕП), дивизија Б, за јуниори, чиј домаќин беше Скопје.

Извор: Спорт1

Слични Објави