„Најстратешкиот“ коридор број 8 се распаѓа во тунелот од празни зборови меѓу Бугарија и Северна Македонија
Пишува: Димитар Русков/БГНЕС
Паневропскиот коридор број 8 се руши во два тунела – едниот е тунелот на бесплодниот, бесмислен дискурс меѓу Бугарија и Северна Македонија, а другиот – физички и сè уште само „проект“ (омилениот збор на премногу политичари) кај „Деве Баир“.
„Коридорот број 8 зависи од волјата и политичката желба…“
„Нема одговор од другата страна за организирање средба и постигнување на согласност за реализација на овој важен европски коридор…“
Две позиции на две држави кои „многу сакаат, но немаат желба“ да го довршат започнатото. Софија и Скопје можат без грижа да си ги испраќаат ставовите за Коридорот – во последно време тие звучат толку слично што лесно можат да си ги заменат, само со променет потпис. Во суштина, двете страни удобно се држат до принципот: „од нас ништо не зависи, прашајте ги оние“.
Ако пред неколку децении железната граница, наметната од историската судбина меѓу Бугарија и Македонија, беше реалност, денес би било бесрамно да се бараат изговори за отсуството на нормални, современи транспортни врски. Не за моќните коли на македонските политичари со бизниси во Бугарија, туку за вистинско економски и културно зближување.
Власта во Скопје покажува очигледно отсуство на желба да се ангажира со изградбата на Коридорот број 8, преферирајќи да ги насочува напорите кон Коридорот број 10 – проект кој можеби има економски придобивки за Скопје, но во суштина е фаворизиран поради туѓи интереси.
Повеќе од тоа – македонската „елита“ се обидува да ги пренасочи европските средства, наменети за поврзаност со Бугарија, кон заеднички решенија со Србија. Тие водат агресивни и гласни медиумски и лобистички кампањи кои го спречуваат секој обид за соработка со Бугарија. Додека плачат за „скапиот“ тунел кај Деве Баир, скопските „патриоти“ ја закопаваат земјата со стотици милиони евра нови долгови, вклучувајќи и оние од Кина. Оваа политика не е само кратковидна, туку и опасна, бидејќи саботажата на Коридорот број 8 значи саботажа и на евроинтеграцијата и изолација на Западниот Балкан во стисокот на Унгарија и Србија – а јасно е кој стои зад нив.
Од она што се кажува во последните месеци, со загриженост сфаќаме дека виталната инфраструктура – не само за ЕУ и НАТО, туку и најмногу за Бугарија и Северна Македонија – ќе чека уште неколку децении пред да биде свечено пресечена лентата на нејзиното отворање. Нема да се смени ниту жалната слика на станицата во Ѓуешево, ниту валкано-белото знаме на БДЖ во Кјустендил, кое се вее над купишта битов отпад.
Нашата земја ја пропушта историската можност да создаде економски лост во Западниот Балкан. Истовремено, додека Бугарија се замара со ситници, Вучиќ и Орбан преговараат за развојот на Коридорот број 10, а инфраструктурата на пристаништата во Драч (Албанија) и Солун (Грција) цветаат. Од тоа директно страдаат Варна и Бургас, кои остануваат настрана од главните трговски потоци. Последиците не се само економски – борбената група на НАТО, стационирана кај нас, е исто така погодена. Во случај на воена закана, отсуството на современа железничка инфраструктура би ја направило логистиката тешка, бавна, неефикасна и – практично – невозможна.
На кого му треба популистичката реторика дека Бугарија е подготвена – „останати се само 2 км до границата“, а сè друго е во рацете на Северна Македонија? Дека Софија веќе инвестирала милијарди?
Легендарно-бавниот воз од Кјустендил до Ѓуешево се движи со 40 км/ч. Го поминува патот од 34 км за еден час и десет минути. Со него ли да се гордееме? На него ли ќе се потпира НАТО?
