Напредува живописувањето на Бугарската православна црква „Св. Јован Рилски“ во Лондон
Фрескосликарството на Бугарската православна црква „Св. Јован Рилски“ во Лондон напредува. „Слава Му на Бога за сè. Им благодариме на сите што нè поддржуваат“, соопштија на својата интернет-страница од православниот храм во англиската престолнина, пренесува БТА.
Од црквата посочија дека живописувањето започнало кон крајот на јуни.
„Во просторот под куполата се изработува композицијата ‘Причестување на светите апостоли’ – сцена поврзана со Тајната вечера, која го претставува Христос како ги причестува дванаесетте Свои ученици со Своето Тело и Крв. На пандантивите под куполата ќе бидат насликани клучни моменти од спасителното дело Господово – Воскресението, Рождеството Христово, Крштението и Распетието. Во олтарниот дел се изработува фреската ‘Богородица – поширока од небесата’, на која е прикажана Божјата мајка со Младенецот Христос. Називот на сцената произлегува од православното богословие, според кое Богородица во својата утроба Го носела Бога, Кого дури ни небесата не можат да Го соберат. Под неа, во олтарната ниша – најсветото место во православниот храм, се живописуваат светите отци-литургисти св. Василиј Велики и св. Јован Златоуст. Тие се претставени со свитоци во рацете, како се поклонуваат пред Христовата жртва, симболизирана преку ликот на Христос во Светиот гроб“, појаснија од храмот.
Во соопштението е додадено дека иконографската програма вклучува и претстави на св. Григориј Богослов, св. Григориј Двоеслов – папа Римски, сцената „Христос во гробот телесно“ во протезисот, како и ликот на св. архиѓакон Стефан во ѓакониконот.
Целокупната иконографска програма е изработена од иконом д-р Добромир Димитров, парохиски свештеник во храмот, во целосна согласност со православните канони и традиции, се наведува уште во соопштението.
Од храмот дополнија дека живописувањето го изведуваат иконописците иконом д-р Добромир Димитров и Галин Ганчев, кои дипломирале на насоката „Иконографија“ на Православниот богословски факултет при Великотрновскиот универзитет „Св. св. Кирил и Методиј“.

