| |

Нашето судство и разнообразните лица на корупцијата

Христо Михајлов

Да се верува дека корупцијата во судството се сведува само на поткуп е наивност што одамна ја надмина реалноста. Корупцијата денес е сложен систем од практики, интереси и влијанија што продираат подлабоко од самиот чин на поткупување. А токму судството – местото кое треба да биде последната одбрана на правдата – најчесто ја чувствува тежината на таа болест.

Историјата нѐ учи дека корупцијата не е модерно откритие. Таа се појавува заедно со првите државни институции и се движи како нивна постојана сенка. Римската империја е класичен пример: величествена во својата политичка и правна архитектура, а разјадена од корупција која на крајот ќе придонесе за нејзиното пропаѓање.

Додека во раните републикански векови строгата дисциплина и сфаќањето за чест ја држеле корупцијата под контрола, во подоцнежните императорски времиња таа станала секојдневие. Римјаните јасно ги дефинирале поимите: corruptor – искушувач, поткупувач, развратувач; corruptrix – женската верзија на истиот феномен. А corruptio опфаќала многу поширок спектар на штетни појави – од изопаченост до морална распаднатост. Не случајно: зборовите служеле за да го именуваат она што целото општество го чувствувало како закана.

Но зошто денешна Македонија треба да се навраќа на Рим? Затоа што едно од најопасните наследства на корупцијата не е материјалниот интерес, туку – времето. Пропаднатото време, потрошените години, украдените животи.

Во поранешна Југославија, со сите нејзини слабости, граѓанскиот спор – дури и најсложениот – ретко траеше повеќе од три години, минувајќи низ сите инстанции. Денес, под водство на нашите наизменични политички елити, истата постапка трае и до петнаесет години.

Три години за прв степен. Уште толку за втор. Малку повеќе за трет. А меѓу тие бројки – луѓе што стареат во судски ходници, генерации што губат доверба во системот, семејства што се распаѓаат поради „материјална и правна несигурност“ која станува трајна состојба.

Кој може да поднесе „правда“ што доаѓа по една деценија и половина? Половина од странките не ја доживуваат конечната пресуда. Другата половина ја добиваат премногу доцна за да им значи нешто.

Ако денес некој идеализиран римски граѓанин би се прошетал низ македонско судско одделение, веројатно би бил згрозен. Не затоа што корупцијата кај нас изгледа поинаку – туку затоа што ја претворивме во нешто уште поопасно: институционализирана неефикасност. Корупција на времето.

Римското право ја ценело брзината како основна правна доблест. Денес ние тврдиме дека напредуваме, дека го „модернизираме“ системот, а притоа не покажуваме почит ниту кон времето на судиите, ниту кон времето на граѓаните, ниту кон времето на самата држава. Судниците се претвораат во архива на нерешени предмети, кои и по десет години остануваат закопани во администативен мрак.

И тука е суштината: корупцијата на времето не произлегува само од личните интереси на судиите или на странките. Таа е последица на судство врзано за извршната власт, судство што често служи како продолжена рака на политичките стратегии, наместо независен коректив на власта.

Во еден правен систем во кој времето станува најголемата жртва, правдата секогаш пристигнува предоцна. А предоцнежната правда е само уште една форма на неправда.

Слични Објави