НАТО ќе распореди 3000 луѓе и опрема во Бугарија и Романија
Соединетите Држави ќе го користат Александрополис како место за распоредување на околу 3.000 луѓе и додатна опрема, кои ќе бидат лоцирани во Бугарија и Романија, земја која граничи со Украина. Прашање на денови, па дури и часови е бродовите со персонал и опрема да се закотват во Александрополис. Бугарија и Романија, исто така, имаат брег на Црното Море, што ги прави држави на фронтот на НАТО во сегашниот конфликт, јавува БГНЕС.
Уште минатата недела, американскиот државен секретар Ентони Блинкен од Вилнус, Литванија, отиде чекор понатаму во активирањето на силите за одговор на НАТО и зборуваше за постојано распоредување на силите на НАТО на источното крило. Колективната одбрана на Источна Европа се подобрува со повеќе луѓе на лице место. Со пристаништето Александрополис и поморската база Суда на островот Крит, Грција контролира премин и кон Црното Море и кон Источниот Медитеран, каде што има присуство на руска морнарица.
Војната во Украина наметна потреба од преиспитување на стратегијата на НАТО, а тоа ќе влијае и на позицијата на Грција во Алијансата.
Грција ќе биде повикана да се приклучи на копнените сили на НАТО, а нејзините воздушни сили веќе придонесуваат со патроли над бугарскиот и романскиот брег, како и над Северна Македонија.
Интересно е што САД придаваат толку големо значење на улогата на Грција во НАТО, имајќи предвид дека Турција, која е на исток и има огромно крајбрежје на Црното Море, отсекогаш се сметала за клучен сојузник во регионот.