| |

Доктрината „Москва – Трет Рим“ – Под Украинскиот барутен погреб

Обидот за воскреснување на една застарена идеја…

Пишува: Кирил Илиев

Раѓањето на идејата, дека Москва е третиот Рим и легитимна наследница на Византиската империја се случува во XV век благодарение на неколку големи историски настани, коишто ќе го променат ликот на Европа и светот: територијалната експанзија на османлиските Турци на Балканот, падот на Константинопол, бришењето на Бугарија како државен субјект, стекнување на надмоќност над монголо – татарите, претворувањето на Москва во центар на руските земји и извојувањето на национална независност од страна на Русија.

Сето тоа допринесува до зајакнување на руското самочувство на државно ниво и ја обликува перцепцијата за руската исклучителност и супериорност над останатите православни христијани. Тоа е долг и сложен процес, којшто врви паралелно со подемот на московските владетели, паѓањето на православните народи на Балканот под османски скиптар и уништување на нивната државничка моќ. Имено овие настани отвораат широк простор за т.нар. руска месијанска улога и стратегиско позиционирање во православниот свет, како и за нивната важност и тежина во однос на процесите што се случуваат кај останатите православни христијани. Така постепено, московските владетели започнуваат да се гледаат како наследници на Константинопол, чувари на православието и „пастири“ на православните мирјани. Оваа сложeна идеолошка концепција е развиена и пропагирана од монах Филотеј, којшто ја изложува во своите писма до клисарот Михаил Григориевич Мисур-Мунехин и до великиот кнез Василиј III Иванович:

„Би сакал да ви кажам неколку зборови за постоечката православна империја на најсветлиот, почитуван владетел. Тој е единствениот цар на сите христијани по целата земја, владетелот на светиот, божествен трон на светата, вселенска и велика црква, којашто ги замени црквите во Рим и Константинопол и се наоѓа во Москва, чувана од Бога, во Успенската црква на најчистата Божја Мајка. Разберете сите, коишто го љубите Христос, дека сите христијански империи ќе загинат и ќе го отворат патот за царството на нашиот господар, како што се тврди во пророчките книги и тоа царство е Руското. Зашто два Рима паднаа, третиот (Москва) стои, а четврти нема да има.“

Овој цитат од писмо на Филотеј до кнез Василиј ги разоткрива опсегот и плановите по коишто ќе се движи, маневрира и насочува концепцијата „Москва трети Рим“ – сите империи ќе треба да загинат, за да бидат заменети од руската империја – стожер на источното православие. Оваа идеја ќе заземе особено место во надворешно политичките планови на руските цареви и ќе ја нацрта нивната политичка философија и нивните разбирања за империјално господство над останатите. Ова го предодредува и агресивниот пристап кон соседните држави и колосалните територијални аспирации, кои ќе го одбележат политичкиот развој на Русија, како и нејзината експанзија во евроазиското геополитичко пространство за векови напред.

Нејзините слоеви и метастази ќе се чувствуваат и забележуваат во годините кои следат и ќе живеат свој сопствен живот во умовите и срцата на интелектуалните кругови, сместени околу политички силните во Русија. Таа ќе ја моделира руската државничка мисла и ќе ги оживее за нов живот мега амбициите и претензии на Русија. Нејзин идејно – политички фундамент ќе биде чувството за надмоќност над останатите, коешто ќе ја наложува идејата за верска непогрешливост и стремеж за водечка улога во меѓународните односи, како и перцепцијата за историската улога на Русија како центар кој ги обединува сите православни. Тоа разбирање ќе ги соедини во себе си во една особена симбиоза идејата за руската непогрешливост и стремежот да биде диктирана судбината на другите православни народи. Концепцијата за Москва како наследник на Рим и Константинопол ќе претрпи промени за време на Петар I, за да ја изживее својата ренесанса под нов скиптар, во нови одежди, од нов кремљски самодржец, којшто ќе се залага на идеолошката амалгама од православната идеја, словенофилството и панславизмот. Оваа реидеологизација во годините на управување на Владимир Путин се засилува, а со неа и обидите за менторство над останатите православни и словенски народи. Со текот на годините во Кремљ фронтално ќе се судрат со проширувањето на НАТО и ЕУ во Источна Европа, кое ќе го постави Путин пред цивилизиран избор – да се откаже од империјалните концепции на Русија или да ја радикализира нејзината надворешна политика до степен на агресија кон други православни и словенски народи. Сепак, Владимир Путин избра да тргне по вториот пат, притоа преминувајќи ја „црвената линија“, напаѓајќи ја православната и словенска Украина. Не е за изненадување, дека веднаш по почетокот на војната во Украина, Путин побара поткрепа од московскиот патријарх Кирил, иако војната и убиствата се спротивни на христијанските канони, потчинувањето на Украина одговара во политичката концепција за Третиот Рим.

Така, допрва во Кремљ ќе треба да ги берат горчливите плодови на имиџовските порази на Русија, но поважното во случајот е дали Русија ќе го има моралното право да претендира за центар и лидер на православните христијани? И уште поважно – дали вековната идеја за Третиот Рим е мртва или таа ќе биде наметнувана со оган и меч?

Извор: Дивидент.бг

Слични Објави