Девет години од поплавите во Скопје, кои одзедоа 22 човечки животи
Денеска се навршуваат точно девет години од катастрофалните поплави што во 2016 година ги погодија скопските села Стајковци, Сингелиќ, Смилковци, Арачиново и околината. Во невремето кое зафати делови од главниот град животот го загубија 22 лица, меѓу кои и двегодишно дете од село Стајковци — најмладата жртва на трагедијата.
Невремето, кое започна попладнето на 6 август, предизвика рекордни врнежи од 92,9 литри на метар квадратен за само 24 часа. Во првите два часа беа регистрирани над 800 громови. Силните поројни дождови предизвикаа надоаѓање на води кои носеа се пред себе – автомобили, инфраструктура, домови. Најголем дел од жртвите настрадаа на скопската обиколница и во своите домови, каде беа заробени од водените маси.
Илјадници граѓани беа евакуирани, а веднаш по трагедијата започнаа спасувачките и хуманитарни активности. Црвениот крст, Кризниот штаб и државните институции ги мобилизираа сите расположливи ресурси, додека граѓаните од целата земја се солидаризираа и собираа хуманитарна помош за погодените.
Потсетуваме дека први на помош дојдоа пожарникарите од Благоевград и Софија од соседна Бугарија. Бугарската влада обезбеди финансиска помош во износ од 150 илјади евра, како дел од хуманитарната програма на Министерството за надворешни работи. Во хуманитарната мисија како доброволци учествуваа и сегашниот министер за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, како и европратеникот Андреј Новаков.

