НАТО

Отворено е ново поглавје за државата, „стапување во брак“ со НАТО.
Долгоочекуваната свадба деновиве станува реалност, со добри, но и тешки услови за некои од сватовите. Но, да продолжам со бистрата вистина, на Македонија ретко ѝ се погодило да потпише подобар документ од овој со НАТО.
Слаткоречиви честитки од сите страни ја преплавуваат државата, која сега сака да наметне друга слика за себе. Таа сега е повеќе европска, повеќе атлантска, а тоа се, секако, два добри моменти за сите нас кои живееме во неа.
Старата политика, целата династија и нејзините кралеви имаа panem et circenses пристап кон оваа Алијанса. За да го пренасочат вниманието од политичките скандали што ги предизвикаа, а за да добиваат континуирана јавна поддршка, тие на „диверзантски начин“ ги насочуваа погледите на граѓаните кон НАТО, маскирајќи со тоа дека им го „фрлиле парчето леб“ на масите. Ама тука се создаде и циркусот. А ние бевме толку далеку од НАТО што дури и името не можевме да му го прочитаме. Само се двоумевме.

Но, фала му на Бога, земјата почна да плови кон брегот на Североатлантскиот пакт, независно од тоа што бродот беше исцрпен од морнарите кои се обидуваа да зграпчат што повеќе за себе, вклучувајќи го овде и капетанот, кој целосно ја напушти палубата.
А, што значи влезот во НАТО?
Дали е тоа позитивен чекор? Секако, да! Дали е магично стапче кое носи социјална благосостојба? Се разбира, не!
НАТО e група добри другари, значајни, различни, но со јасна намера дека: правилата ги поставува Алијансата.
Тоа е и ќе биде уште посилен предизвик за државата, а особено за функционалната политика, бидејќи ние не сме навикнати да ни ги диктираат правилата на игра, особено не оние што се дел од европско-американска игра. Со векови пливаме во калливите балкански сливови. Не знам колку ќе бидеме подготвени да издржиме, но неопходно е да бидеме трпеливи, бидејќи тоа е, веројатно, единствената добра работа што ни се случи после толку многу години!
Сите знаеме дека НАТО е првата голема порта за влез во Европската унија. Потсетувам дека од 29 земји-членки дури 21 се членки и на Европската унија.
Ако ѕвездата ни сјае до крај, ќе бидеме дел од едно добро, мудро и, пред сè, многу силно семејство за да го поставиме куќниот ред. Зборувам за ЕУ, а задачата за НАТО е многу јасна: ајде, да не се брукаме! Да не направиме некое типично за нас чудо, зашто ќе нè чини и ќе нѐ жигоса за цел живот, а лошата судбина ќе биде немилосрдна и кон нашите внуци и внуки, бидејќи децата, несомнено, уште отсега се жртви на нашата мисија!
Нашите чудеса се такви што некој мирен ден, знаејќи дека во Македонија мирните денови се реткост, значи, во едно затишје пред бура, ќе се направи некаква политичка рокада и ќе донесеме политичка одлука дека сакаме да избегаме од НАТО!
Како што е општо познато, не е мал бројот на срцата кои чукаат за Русија и нејзините степи.
Промената на политичкиот курс, освен што ќе направеше пародија околу постоењето на една Супер Армија која вклучува глутница држави од голема важност, брзо ќе нѐ претвореше и во проблем за нив!
Затоа, ние сме во многу сериозен час, за секој од нас.
Знам, политичката сериозност за нас е непознат терен што вклучува респект за должноста и љубов кон државата и е редок бином во политика. Но, сега веќе немаме друг пат!
Оние кои досега навикнале да ја третираат власта во стилот „топката е моја, пеналот ќе го изведам лично јас“, бидете сигурни, заглавиле во ќорсокак!
Многумина можат да помислат: што ќе се реши на политички план со пристапот во НАТО?!
НАТО е војска, тоа не е суд!
Да не дојде, сепак, работата НАТО да нѐ штити онака како што наметнува ‘првобитната форма’. Ама, пак, среќни сме што газиме на нејзиниот праг. НАТО е Алијанса која интервенира за време на политички кризи, која ја брани слободата на државите (државите ги сочинуваат народите), па затоа се грижи животот да биде нормален и праведен во земјите што ги примила дома. Како мудра организација, како армија формирана за заштита на мирот и суверенитетот на народите, НАТО се грижи секој конфликт, најпрво, да се исцрпи преку дијалог, но сепак оди до крај да ја брани слободата на своите членки. Оттука, влезени сме, значи, во голема куќа. Ако во календарот на празници во Македонија треба да се укине некој од празниците, би било добро да се додаде еден нов, некој што го означува овој момент на зачленување на државата во НАТО. Ние сме дел од едно ново семејство, дел од нови правила, ние сме во НАТО, а тоа ќе нѐ однесе и кон ЕУ, која, пак, ќе ни го покаже патот кон економијата, образованието, здравството, земјоделството, транспортот и, над сѐ, кон еднаквите услови и можности за секој граѓанин. А граѓаните ќе имаат право да живеат со сите идентитетски обележја, што е заштитено со Конвенцијата за човекови права, НАТО и ЕУ!
Да се надеваме дека политичката класа ќе ја разбере важноста на можеби најдобриот исчекор што досега го направила оваа држава!

Автор: д-р Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар