Не ги потпишав платите, има лица што никогаш не сме ги виделе на работа – ексдиректорката на Заводот за физикална ја заштитувала институцијата
Досегашната организациска директорка на ЈЗУ Завод за физикална медицина и рехабилитација, Миранда Шабани, не ги потпишала платите за вработените за да ја заштити институцијата откога утврдила дека на списокот има лица што не се појавиле на работа. Побарала да им се раскинат договорите за вработување, а на другите им се извини за доцнењето на платите. Во меѓувреме, Министерството за здравство извести дека нејзиниот договор за организациски директор бил истечен и дека нема да ѝ го продолжат, туку ќе биде прераспределена на друго работно место и дека ќе ги разгледаат сите наводи за злоупотреби во Заводот, кои им стигнале од Шабани.
„Во институцијата во која ја извршував функцијата организациски директор плата земаа лица што никогаш не сме ги виделе на работа. Лица што никогаш не биле потпишани во книгата за евиденција. Како организациски директор побарав од медицинскиот директор, правниот сектор и од секторот за човечки ресурси на лицата што не доаѓаат на работа да им се прекине договорот. Директорот не прифати поради само нему познати причини. За да не се оптовари буџетот на институцијата, решив да не ги потпишам платите“, вели ексдиректорката Шабани за „Макфакс“.
Нагласи дека била организациски директор во Заводот шест месеци, кои ѝ биле доволни да ги открие сите неправилности.
„Во првиот момент кога го видов планот за актуелните вработени, кој беше составен по барање на Фондот за здравство, и планот за нови вработувања, сфатив дека податоците не се совпаѓаат и решив да не потпишам. Дали јас ќе бидам разрешена или нема да ми се продолжи мандатот, тоа е најмал проблем во оваа институција. Битно е да се платат тие што работат, а не тие што не доаѓаат на работа“, вели директорката Шабани.
Таа не одговори на прашањето зошто токму сега ги пријавува злоупотребите кога, според Министерството за здравство, ѝ истекол мандатот.
Министерството за здравство вчера најави дека ќе ги разгледа наводите за злоупотреби во Заводот и законски ќе постапи.
Некои од вработените се пожалија дека им доцни платата и најавија прес-конференција за вчераутро пред Заводот, но никој не излезе јавно да зборува за доцнењето на платата.
