ПРЕДЛОГ ПЛАН ЗА ОДЛУЧНА АКЦИЈА ПРОТИВ ШИРЕЊЕ ДЕЗИНФОРМАЦИИ И ПРОТИВ НАПАДИ ВРЗ ДЕМОКРАТИЈАТА

//

Дезинформациите се еден од главните предизвици на демократијата во 2019 година и се алатка која се користи за манипулација на граѓаните, мешање во изборни процеси и намалување на довербата на граѓаните во институциите и медиумите. Република Северна Македонија во изминативе две години на повеќе наврати се има соочено со масовно ширење на дезинформации, како на социјалните мрежи, така и на традиционалните медиуми. Дел од дезинформациите биле споделувани и од териториите на други држави.

Северна Македонија беше означена како земјата на лажните вести, откако во 2016 година се откри дека во Велес се водени голем број лажни веб-страници и фејсбук профили кои ширеа дезинформации во САД, за време на тамошните претседателски избори.

Согласно заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност, Владата изработува предлог Акциски план за справување со дезинформациите и нападите врз демократијата на системско ниво, со цел да се зајакне националната безбедност и сигурноста на граѓаните на Република Северна Македонија.

Предлог акцискиот планот е сублимат на препораки во борбата со дезинформациите, изработен како резултат на следењето на мерките на Европската Комисија, Комитетот на експерти за квалитетно новинарство при Советот на Европа [преку членството во комитетот од страна на претставник на канцеларијата на Претседателот на Владата на РСМ], секторот за комуникации на НАТО, соработката за професионализација на комуникации и ПР со Британската влада, соработки со УСАИД, Европската мрежа за дигитална дипломатија поддржана од Стејт Департментот на САД [преку членството во управниот одбор на мрежата од страна на претставник на канцеларијата на Претседателот на Владата на РСМ] и други.

Предлог акцискиот план ќе биде ставен на дискусија на работни состаноци во институциите, како и на консултации со граѓанскиот сектор, медиумите и различни чинители во општеството, вклучувајќи ги и стратешките партнери на РСМ.

I. Безбедносни мерки
(1) Ревидирање на постоечките и креирање нови внатрешни безбедносни протоколи за комуникација во институциите и комуникација со надворешни субјекти, со цел намалување на можностите за протекување на сензитивни информации.

(2) Воведување безбедносен протокол за дигитални комуникации за сите државни службеници, за безбедно користење на интернет, службена електронска пошта, службен мобилен телефон и.т.н. Овој безбедносен протокол ќе биде доближен и презентиран пред државните службеници преку спроведување на внатрешна проактивна кампања.

(3) Зајакнување на внатрешната ИТ инфраструктура во Владата и министерствата и проверка на системот за контрола на мрежниот сообраќај, со цел навремено спречување на малициозен сообраќај и спречување на надворешни напади на инфраструктурата.

(4) Промена на телефонскиот број и мобилниот уред на Претседателот на Владата на РСМ, како и имплементирање на безбедносен протокол за дигитални комуникации.



(5) Воспоставување на протокол за кризни комуникации помеѓу централниот владин комуникациски сервис и министерствата, кој ќе има за цел брзо и точно спротивставување на дезинформациите, кои се шират преку социјални медиуми и интернет порталите.

II. Проактивни мерки
(6) Владата ќе продолжи да вложува во активната транспарентност, со цел да ја доближи својата работа до граѓаните и да ја зголеми довербата на граѓаните во институциите. Со новата “Стратегија за транспарентност” стандардите ќе се втемелат во системот и ќе се создаде листа на документи и информации кои институциите ќе бидат задолжени на одредени временски интервали да ги објавуваат и ажурираат. Преку објавување и споделување факти и вистинити информации, се намалува просторот за маневар на дезинформациите.

(7) Владата на својата веб страна ќе објавува официјални одговори на прашања на медиуми и граѓани, со цел да се спречи извртување на официјалните ставови на Владата.

(8) Владата ќе формира Акциска група за борба против дезинформации и напади на демократијата, во која ќе бидат поканети да учествуваат претставници од канцеларијата на Претседателот на Владата на РСМ, Претседателот на РСМ, Собранието на РСМ, Кабинетот на министерот задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, МВР, MO, МНР, Управата за безбедност и контраразузнавање, Агенција за разузнавање и други, чија задача ќе биде анализирање и следење на појавите на дезинформирање на јавноста и координирање на борбата против ширење на дезинформациите. Во име на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за координација на оваа Акциска група ќе биде министерот за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски, а од страна на Кабинетот на премиерот одговорен ќе биде посебниот советник за односи со јавност, Марјан Забрчанец.

(9) Акциската група и Владата ќе спроведуваат едукативна кампања од јавен интерес за постоењето и штетното влијание кое дезинформациите го имаат врз општество.

(10) Владата ќе спроведува внатрешна кампања за вработените во државната администрација, за постоењето и штетното влијание на дезинформациите.

(11) Акциската група за борба против дезинформации и напади на демократијата активно ќе соработува со сите платформи на социјалните медиуми кои најчесто се користат за брза дистрибуција на дезинформациите. Ќе бидат известувани за профили и објави кои шират дезинформации и активно ќе се вклучиме како држава во нивните програми за информирање на граѓаните и борба со дезинформациите.

(12) Владата ќе започне процес на креирање Национална стратегија за медиумската писменост во чии рамки ќе бидат опфатени активности на институциите, медиумите и граѓанскиот сектор, како и вклучување на медиумската писменост во образовните програми на Министерството за образование и наука. Владата ќе поддржува и ќе биде активен партнер на граѓанскиот сектор во спроведување програми и тренинзи за медиумска писменост и ќе спроведува и едукација за медиумска писменост на вработените во државната администрација.

(13) Владата активно ќе ја поттикнува дискусијата помеѓу медиумите, медиумските здруженија и граѓанскиот сектор, со цел саморегулација, ко-регулација и утврдување на медиумски стандарди за интернет порталите, согласно препораките на Европската Комисија и Советот на Европа.

(14) Владата ќе воведе јасни критериуми за медиумите кои се акредитирани да ги следат владините настани и прес конференции, во согласност со стандардите на новинарската професија.

(15) Владата ќе отвори дискусија со медиумите за утврдување модел на поддршка за продукција на медиумски содржини на тема борба со дезинформации, како и поддршка за едукативни програми и тренинзи наменети за медиумските работници со цел нивно професионално сензибилизирање во борбата со дезинформациите.

(16) Владата и институциите активно ќе соработуваат со сите организации и проекти кои работат на проверка на фактите (Fact checkers), преку навремено и брзо одговарање на нивните прашања, при проверката на фактите.

(17) Владата ќе иницира организациите кои се бават со проверка на фактите, да создадат регистар за утврдени и разобличени дезинформации и листа на изворите кои шират дезинформации.

(18) РСМ ќе поттикне соработка со Европската Комисија и ќе побара вклучување во системот за брзо предупредување за ширење на дезинформации (Rapid alert system), со цел размена на информации околу содржината и темите на кампањите за дезинформации низ Европа.

Во борбата со дезинформациите, Владата на РСМ ќе продолжи активна соработка со стратешките сојузи ЕУ и НАТО, и одлучно ќе се спротивстави на лажните вести и дезинформациите, заштитувајќи ги граѓаните од штетите кои ги предизвикуваат овие појави.



Претходна статија

ГЕРОСКИ: СЕКОЕ ГРНЕ СИ НАОЃА КАПАЧЕ – ДЕНЕСКА ГО ВИДОВМЕ „КАПАЧЕТО” НА ЗАЕВ!

Следна статија

ЕЛИФ ЕЛМАС И ОФИЦИЈАЛНО НОВ ИГРАЧ НА НАПОЛИ

Најново од Вести

Ковачев: На местото на спомениците на окупаторската Црвена армија во Софија и во Пловдив да се постават споменици на Левски, Ботев, Гоце Делчев, Тодор Александров и Ванчо Михајлов

Бугарскиот европратеник од редовите на ГЕРБ-СДС Андреј Ковачев, даде интересна идеја за тоа што треба да