НЕ ПРАВЕТЕ ГО „ГРАДОТ НА КОНЗУЛИТЕ“ ГРАД НА ВОЗНЕМИРЕНИТЕ ГЛУПАЦИ

///

„На дното на секоја трагедија се наоѓа глупоста“

                                                                  (Тадеуш Доленга-Мостович, полски новинар и писател загинат во одбрана на својата татковина Полска од крвавата Црвена армија )

„Нека се здрави и живи. Ќе си останат тука под надзор и нема потреба од паника. Може да ни се случи, тоа да бидат, луѓе комшии наши, луѓе во влез што ќе живеат… Треба баш да помогнеме“, изјави една симпатична жена од Битола, во анкета направена за дневникот на ТВ Сител.

Ќе речат некои, „земи си ги дома кога нема потреба од паника“, без да разсудат дека Ковид-19 веќе влезе во нашите домови и во моментот целта на сите тие препораки за борба со вирусот не е за да го снема, туку за да не се покачи енормно бројот на заболени, бидејќи тоа ќе го погоди најмногу здравствениот систем, инаку систем што и онака не блескаше.  

Вирусот веќе ни влезе дома дами и господа „вознемирени граѓани“ ( на Битола, а утре и на некој друг град) и истиот не може да биде победен со ракија или со перење на устата со сода бикарбона, а уште помалку со глупави статуси на facebook „за „чистата“ Битола, која ете некој сака да ја направи жариште“.

Битола не е „чиста“, драги мои вознемирени граѓани! Ви го кажа докторот од „Плодност“, кој е позитивен на вирусот и според него најверојатно се заразил од пациентка. Го пцуевте и него нели? Пцовките исто така не лекуваат корона…

Колку брзо се менуваат работите. Синоќа Битола беше „чиста“, а денеска веќе не е. И зборот чиста го испоганивте, ама за тоа во друга прилика.

Инаку во обраќањето на битолскиот доктор до неговите сограѓани, не прочитав да пишал дека прегледувал повратничка од Малта. Прегледувал ваша сограѓанка која можеби никогаш не отишла во странство или пак била во странство, но немала симптоми и си плукнала во пазуви со зборовите „ќути куртулив“.



Можеби докторот лаже, можеби тој бил во странство и тој ја донел заразата во „чистата“ Битола? Дали ви е важно тоа?

Јас сум огорчен од фактот што глупоста владее во Македонија и со лесна рака стигматизира луѓе. Скопје, Тимјаник, Битола… насекаде.

Ако ги отворите очите и се разделите со глупоста драги мои „вознемирени“ од локацијата на карантинот, или воопшто од самиот факт што во вашиот град има „коронаши“, можеби постојат минимални шанси да разберете дека вие сте безбедни. Луѓето во „Епинал“ и „Молика“ (од денеска) нема да шпартаат нагоре-надоле по „Широк сокак“, туку ќе бидат во карантин, а под карантин се разбира потполна изолација од надворешниот свет- т.е. од вас. Затоа ве молам бидете смирени. Засрамени секако нема да бидете, бидејќи еден мудар човек пред многу години рекол дека недостатокот на срам е првиот знак на глупавоста. А вие сте точно тоа глупави, но не сте родени такви, туку страшниот вирус на духовната сиромаштија ве има разболено. Ете ви многу поопасен вирус… живеете со него, а неговите симптоми ги сметате за херојство наместо за срам. Страшно е!

Ѕидовите на „Епинал“ и „Молика“ нема да го пропуштат коронавирусот да се доближи до вашиот вирус бидете спокојни.

Бидејќи имам многу пријатели од Битола и битолско ве повикувам да бидете така добри како што сте активни на социјалните мрежи, да прекинете да ја претворувате Битола од „градот на конзулите“ во „градот на вознемирените глупаци“. Тоа е навистина трагично. Сетете се на Тимјаник и ќе разберете за што зборувам.

Автор: Атанас Величков

Претходна статија

П. КОЛЕВ: ВРЕМЕ Е ЗА ЕДИНСТВО

Следна статија

ФИЛИПЧЕ: НОВИ ДВЕ ЖРТВИ ОД КОРОНА ВИРУСОТ

Најново од Истакнато