| |

(Не)успешен референдум или “успешен” бојкот?

Никица Корубин

Секоја политичка одлука кај нас, низ годините, која значела приближување кон ЕУ (и НАТО последователно); била и е свесно компромитирана. И не само од страна на “заробената држава”, туку од самата основа – “заробеното општество”. Од сите “кредибилни извори” на креирање и ширење на јавното мислење. Како подобен и дозволен јавен дискурс. Со масовност која ја засенува(ла) секоја поинаква индивидуална промисла.

Таа игра на паралелни светови (свеста и желбата на граѓаните за нормално западно општество и намерата на “елитите” за општество под контрола), кога не ги запира процесите, ги компромитира и сатанизира. Прави од нив “проблем”, а од граѓаните “жртви на тој проблем”. И иако е замаскирано во класичната и очекувана – за секоја пропаганда – флоскула за “предавници и спасители” како потребен наратив за опстанок; суштината веројатно е во нешто друго.

Еден од илустративните примери е консултативниот референдум од 2018 година, после потпишувањето и ратификувањето на Преспанскиот договор, а во пресрет на уставните измени кои произлегоа како обврска од Преспанскиот договор, што всушност беше обврска произлезена од двете резолуции 817 и 845 од 1992/1993 година од Советот за безбедност на Обединетите нации и Времената спогодба од 1995 година.

Целиот контекст на процесите кои започнаа многу порано, а кои кулминираа после изборите во 2016 година; неминовно водеа кон конечно интегрирање на државата во ЕУ и НАТО, нешто што требаше да се случи многу порано.

И таа “неминовност” после потпишувањето на Договорот со Бугарија во 2017 година, а потоа и Преспанскиот договор во 2018 година; ја произведе потребата од “компромитирање” на процесот кој повеќе не можеше да се запре. Со желба тој трајно да добие “печат на предавство” односно психолошка “грижа на совест”. И на тој начин сите успешни моменти на државата и граѓаните, на патот кон нормална европска држава, несомнено тешки и сложени, однапред да се прогласат за “вештачки и наметнати”, а не “природни и последователни”.

На референдумот во 2018 година, со активен партиски и политички бојкот, и медиумско (од секаков вид) поддржано ширење на манипулации и говор на омраза; од излезените околу 660.000 граѓани, околу 610.000 граѓани ги подржаа и обврските на државата од Преспанскиот договор и ја потврдија намерата за членство во ЕУ и НАТО. Број на гласови што во 35 години независност, не ги добила ниту една политичка структура на ниту едни избори.

Со сета калкулирана штета или страв, зависно од “политичката страна” во моментот; на организирање или бојкотирање на референдумот; всушност никој не се осмели сите овие години тие 610.000 (660.000) граѓани да ги нарече “предавници”, а ниту се охрабри да ги нарече “спасители”.

Затоа што веројатно, бојкотот беше “превентива” од очекуваниот исход, каде што согласно традиционалната излезност до тогаш; сите потенцијално “против” нема да можеа да ја надминат желбата на граѓаните за нормално, европско, функционално општество; а на тој начин легитимирајќи ги процесите кои како превзмена меѓународна обврска, мораа да бидат компромитирани.

Што не’ доведува до денес, до 4-годишното неисполнување на обврските на државата, од усвојувањето на преговарачката рамка во 2022 година, преку истата поддршка на истото “заробено општество”, со идентичниот наратив на “предавници и спасители”, на ширење на манипулација, анимозитет и говор на омраза, кој всушност само продолжува да го “компромитира” и овој неминовен процес; спротивно на мнозинската волја на граѓаните за европска интеграција.

Па, се чини дека всушност најголем непријател е “волјата и свеста” на граѓаните за ЕУ изразена и на референдумот во 2018 година, и во сите истражувања на јавните мислења низ годините. А, ако таа е “света” во една демократија, тогаш секоја (зло)употреба (о)станува само средство кое не секогаш ја покажува суштината и намерата на различни политички или општествени чинители и поединци, чија доследност и конзистентност во ставовите за клучните стратешки прашања во дадениот момент – во реално време – ја определува и нивната улога, во ситуацијата од која мораме да излеземе.

Ситуација на “лаги и манипулации” наместо чистата, едноставна вистина – колкумина се спремни да ги живеат и практикуваат демократските правила, и да ги исполнуваат обврските, како сите совесни и чесни индивидуалци, така и самата држава; како репер за “европска посветеност”? Во 2018 година 610.000 (660.000) граѓани, беа зрели и доследни, колку беа “спречени” е прашањето, преку стравот од “неподобност”?

Судејќи според јавното мислење, константиот пад на излезноста на изборите, наметнатата и хранета апатија, тој број е поголем. Но, колку е голема политичката зрелост, доследност и патриотизам во служба на граѓаните, е прашање кое никој не може да го компромитира, пред да го одговори. Како што се компромитираа(т) сите постигнувања кон европска и нормална држава. Освен волјата и желбата на граѓаните.



Слични Објави