НЕГОТИНЦИ СОБИРААТ ПОТПИСИ ПРОТИВ ИЗГРАДБА НА ДЕПОНИЈА ЗА ИНДУСТРИСКИ ИНЕРТЕН ОТПАД

Здружението на граѓани „Ековита” од Неготино започна со собирање на потписи против изградба на депонија за индустриски отпад кај Пепелиште, местото викано Шобово.

Жителите кои се против изградба на депонијата, можат да го дадат својот потпис во општинската зграда, почнувајќи од денес, па до 18-ти декември, секој работен ден од 8.30 до 15.30 часот.

За да биде успешна иницијативата, потребно е да се соберат 100 потписи, односно 20 отсто од граѓаните, по што треба да се изјасни Советот на општината дали има услови за распишување референдум.

Жителите во неколку наврати се изјаснија дека се против депонијата, бидејќи стравуваат дека негативно ќе влијае врз здравјето и околината, како и врз единственото заштитено подрачје во општината, Орлово Брдо.

Пред неколку дена, во Општината се одржа и јавна расправа за студијата за оцена на влијанијата врз животната средина, каде на присутните им беше кажано дека целиот процес би бил безбеден и транспарентен, но жителите немаат доверба во целиот процес.

Инвеститор на проектот е Друштво за производство, инженеринг и трговија П&П Индустриес ДОО Скопје.