НЕМА ДОВОЛНО ГЕПЕЦИ ЗА ДА СЕ СПАСИМЕ ОД „ЗАКОНСКОТО“ ЛУДИЛО

Пред еден час се вратив од настан организиран од невладината организација „Хендикеп Плус“. Претседателката на организацијата Бранкица Димитровска од Крива Паланка, раздаде благодарници на едни благородни луѓе и на едни херои со хендикеп, кои не се плашат да го живеат својот живот правејќи добро и покрај сета нелогичност и омраза околу нас…

Луѓето со посебни потреби не можат да се надеваат на „застарување“ на нивните секојдневни маки и препреки, што им пречат да живеат нормално. Голем дел од тие препреки ги создал и ги толерира системот. Системот во којшто е законски  Катица и нејзините „ангели“ да земат стотици илјади евра како додаток на плата, или пак тотални анонимуси како оној пратеникон Цуклев од Гевгелија да си „лапнат“ патни трошоци со висина од неколку стотици месечни плати на вработена во конфекција.

Супер се законите, ама тие што се на власт не ги „фаќа“ закон…

Баш убаво си ги фаќа, ако ме прашате мене, толку добро ги лови, што имаат и закони за да удрат по едно другарско рамо на одредени „соработници“ во странство. Например во Будимпешта.

Токму таму се наоѓа последниот адут на Заев во „борбата“ против Мицкоски и неговите „жедни“ за власт, ненавикнати да живеат во опозиција другарчиња.

Постои голема веројатност експремиерот побегуља да се врати, а таман му пуштија муабет дека ќе се женел. И тоа не е кој знае каков астрономски проблем. Законски е, според законите на системот создаден од туморот што ја јаде Македонија. Истиот тој тумор ќе го гласате во април, ако се разбира не дојде до некакво „непланирано“ одложување на изборите.

Проблемот е во тоа што нема доволно гепеци во кои да се сокријат сите жртви на системот. Нема доволно гепеци и бугарски пасоши за сите луѓе со хендикеп да се спасат од ова лудило. Затоа тие ќе се надеваат дека некогаш ќе се појави некаква нова постава, којашто ќе обрне внимание на нивните проблеми. Нова постава којашто ќе работи за намалување на нивните секојдневни маки и нема да ги користи само за реклама во постови по социјалните мрежи.

Гневен сум, ќе застанам овде, бидејќи не сакам да си ја гнасам устата и да ги пцујам сите тие кои напишаа такви закони, што дозволија денеска, ликови како Катица и оној Цуклев да ни служат за потсмев, додека мојата пријателка Бранкица дели благодарници.

Автор: Атанас Величков