Ненаучените поуки од историјата
Николај Којчев
На 16 јуни 1913 г. бугарските II и IV армија извршуваат напад врз своите формално сè уште сојузнички српски и грчки војски во Вардарска Македонија. Даден е неповратниот почеток на Меѓусојузничката војна, во која Бугарија се исправа сама против практично сите свои балкански соседи. Голем дел од жртвите од Балканската војна, дадени во десетици битки низ тракиските полиња, на крајот се покажуваат како да биле залудни. Политичката рамнодушност и малодушност ѝ дозволуваат на една шака фанатици, чии родољубиви чувства сепак не ги оспорувам, но кои, заслепени од дотогашните воени успеси на бугарското оружје, ја вовлекуваат земјата во едно непромислено, избрзано и безумно фијаско, завршува со првата национална катастрофа.
113 години по овие тажни настани, изгледа дека работите не се промениле особено. И денес рамнодушноста и апатијата на нашата политичка елита во однос на темата „Македонија“ придонесува таа лесно да биде присвојувана од една малобројна, но силно фрагментирана и поларизирана средина, која често има навика самоволно да се прогласува за единствен претставник на целокупниот бугарски народ по ова прашање.
На Бугарија ѝ се потребни јасно поставени цели, ладнокрвност, флексибилност и трпение, а не избрзани, непромислени, импулсивни и емоционални испади на разни самозванци. Блокирањето на меѓудржавна граница (меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, бел. уред), макар и за два часа, би им наштетило пред сè на обичните луѓе и единствено би им дало добра можност на круговите непријателски настроени кон бугарско-македонското зближување да продолжат да сеат омраза и антагонизам меѓу луѓето од двете страни на границата.
Бугарскиот народ и држава имаат над 1300-годишна историја зад себе и пожелно е да почнат да се однесуваат кон своите проблеми на начин што им прилега на народи со толку долго историско искуство.

