| |

НЕПОСТОЕЧКИОТ ПРОБЛЕМ И СМЕШНИОТ ЗАЕВ

Пишува: Владимир Перев

Прво беше Киро Глигоров, па ние бевме лидери во Европа и Балканот околу можноста за присоединување кон НАТО и Европската Унија, за потоа да станеме само лидери на Балканот. Потоа Глигоров замина, дојдоа други, па ние не бевме лидери, но бевме најнапредни во реформите. Потоа дојдоа и некои трети, за ние да станеме најподдржуваните за присоединување, ама ете, “клетите Грци“ не ни даваат, па ние ќе се бориме со нив до крај. Затоа и го направивме “Скопје 2014“ за да им покажеме кои сме ние. Така, цел свет не разбра навистина кои сме ние, служиме за потсмев не само на големите и силните држави (тие не нѐ ни забележуваат, нѐ одминуваат), туку и на некои мали и изгубени земји, потонати во криминал и корупција, ама со повеќе здрав разум во нивните пројави на светската политичка сцена. Нивниот криминал беше прикриен и сокриен, помалку или повеќе вешто, ама нашиот беше на ачик. На плоштадите и низ улиците се гледаше распослана и открадната барем една милијарда евра, за сето тоа да мине до денешен ден неказнето.

Потоа дојде Заев и проблемот со Грција се реши на маестрален начин, со помошта и на Европската Унија и со отстапки за кои ни најслободомислечкиот и ненационалистички македонец, не ни можел да помисли. За оние другите, националистите или патриотите, не сакам ни да кажувам. Можете да ги чуете како секое утро плачат на отворените програми на македонските телевизии, плачат до небо по загубениот “идентитет“ и македонското загубено битие, толку старо и архаично, најстаро и најценето во целиот Балкан или целиот свет, барем најмалку до Индија.

Сега ни се случува Бугарија. Државата која прва не призна и ни подаде навистина братска рака во најтешката криза на Македонија во последните триесет години. Признавањето не го примивме, баравме специјално Бугарија да ни го признае јазикот и националниот идентитет, нешто што од никого друг не побаравме. Знаеше добро нашето тогавашно, а бога ми и ова сегашно раководство за што станува дума, баравме да се признае нешто што никој не би го прифатил. Ако Македонија и Словенија се две единствени европски држави без своја историја на Средновековието (Д. Малески), тогаш барањата на Македонија се ставени во фиоката на „невозможни потфати“.

Ако во инсистирањето на Груевски на македонската античност некои од нас гледаа зла намера, односно перфиден напор Македонија на некаков начин да се елинизира, да станеме елини-“славофони“, кои го изгубиле јазикот и сознанието за себе си некаде по патиштата на историските премрежја, тогаш инсистирањето на Заев за “македонската идентичност“ на Гоце Делчев и целото ТМОРО/ВМОРО/ВМРО е небулоза која говори за неговите ментални и психички капацитети, настрана недостигот на знаења по темата. Впрочем, тоа може лесно да го научи. Не, не мислам дека нашиот премиер е нешто како “надоквакан“, далеку било, ами мислам дека се натценува себе си дека може нас да не убеди во нешто за кое никој во светот нема да му верува, разбира се, освен некои од странските “научници и специјалисти“, платени дебело со наши пари. Тука е и случајот со оној преварантски институт во Љубљана, ама таа итрост му е дозволена, во секоја борба залажувањето на непријателот е поен кон победата. Не успеа, затоа што “институтот“ одамна беше провален како група на преваранти и продажници на сопствениот авторитет, кој ионака го немале. Но, сето тоа се невини детски игри за опстојување на политичката сцена, игри читливи на секого.

Ама, сега веќе не е така. Во Грција на конференцијата “Делфи“, Заев влегува во политичка игра со далекусежни последици. Проблемот со Бугарија не е “смешен и непостоечки“, а за разрешување на проблемот се побара помошта на Грција и се разбира на кого друг освен на Кипар. Тоа е како да бараш помош од Србија, а тука да дојде и Додик од Република Српска, да помогнат за разрешување на ситуацијата. Разбира се, тука е секогаш и Русија. Путин јасно и отворено секогаш вели дека писменоста на славјанскиот свет дошла од “македонската земја“, директно напаѓајќи ги бугарските позиции по однос на јазикот и писменоста.

Да бараш сојуз со Грција и поддршка на Кипар, а против Бугарија е политичка несмасност од прва класа. Знам дека ние сме паметни во некакви “политички игри“, ама ни бугарите не се глупави. Биле некогаш, последниот бугарин кој правел сојуз со Грција за Македонија бил бугарскиот цар Фердинанд и знаеме како заврши работата. Да не се заборави, за коректноста на договорот требало да пресуди рускиот цар Николај, ама денес тука е Путин. Сега некаде натаму оди работата, ама ги нема Србија и Црна Гора. Не се членки на ЕУ, па чекаат во заседа да заврши работата и да учествуваат во распределбата на пленот. Заев се смешка во Атина, ама тој е смешниот, нему му се смеат сите други, а најмногу Бугарите. Тие ги голтнаа горките апчиња од Грците околу нивното присоединување кон Унијата, па сега им е лесно…нам ни е редот.

Да, Грција ќе ни помогне, ама Заев има задачи пред себе си. Треба на сите паметници низ Македонија од античкиот период да стави видливи и огромни табли дека тие се хеленското наследство на Македонија. Тоа ќе го видат сите посетители. Навистина, Груевски е во Будимпешта, но духот му витае низ скопските и македонските плоштади и само го чека мигот кога ќе се согласиме на “нашето хеленско наследство“. Не сме се грцизирале петстотини години под Византија, не сме се грцизирале петстотини години под Турција, ама сега во слободна и независна Македонија, неповратно сме тргнале по тој пат…а Заев е слепиот патеводител. Грујо ќе излезе најголемиот гркоман во македонската историја.

Проблемот со Бугарија постои и не е смешен. Смешен е Заев со своите јазични каламбури со кои, на некаков начин, ги добива нашите симпатии, ама не може да го реши проблемот. Прави некаков ефект, но тоа е овде, на македонските пространства, релативно лесна работа. Ние Македонците сме обземени од нејасна “љубов“, претворена во психичка зависност од Србите, па не можеме реално да ја процениме нити силата на Бугарија, нити пак правилото на консензус во ЕУ. Да сме на јасно, сите можат да ветуваат сѐшто, знам дека Заев не верува никому, ама нека не не прави да се срамиме од него и неговите смешни изјави. Никој, буквално никој нема да ја притисне Бугарија, или било кој друга членка на ЕУ. Тоа би било крај на Унијата, а Македонија е премала цена за тоа нешто. А и Бугарија и Бугарите не се она што биле од само пред десетина години. Тоа Заев го знае подобро од нас.

Пред македонскиот премиер има неколку можности: 1. Да ги обнови сите груевистички паметници во полн сјај и да каже дека тие се хеленистичкото наследство на нас, хелените-славофони, со што ќе ја добие безрезервната поддршка на Мицотакис и цела Грција. 2. Тој е задолжен да ги одржува спомениците со таблата за “хеленскиот“ НИВНИ идентитет, без да не меша нас Македонците, ама поддршката на Грција ќе биде млака и учтива. 3. Да си ги стегне опинците и да оди во Софија на долги и тешки преговори, да откине тоа кое може да се откине од “простите булгароси“, ама добро подготвен и со реални барања. И, конечно 4. Да се прави на удрен, да се шета по Европа и светот и да се жали на сега веќе “клетите Бугари“, за нивната непопустливост. Оваа последна опција сите ја имаат веќе видено со Грција во главната ролја, а тој џокер го користеле сите, и Глигоров и Бранко, и Љубчо, а најмногу Грујо…затоа и до овде статсавме!

Конечно, што и да направи, неговите изгледи за политичко опстојување се слаби, многу време има изгубено. Ако не потпише со Бугарите, ќе падне бидејќи не не вовел во ЕУ, ако потпише му се заканува осуда од “патриотите“ како предавник, па ќе треба да се опира на странска помош од секаков вид за да опстани. Работата е дотерана до таму, што не верувам дека и Бугарите ќе му помогнат, па макар што и да потпише. Премногу ги манипулираше и измачуваше.

Конечно, зарем Заев навистина веруваше дека Бугарите се такви идиоти да дозволат меѓувладина седница за потоа да му ставаат вето 3 пати помножено со 35. Кој малоумник во Бугарија ќе си дозволи 105 пати да дава вето, ако тоа може да го направи само еднаш…па и тие самите гледаат дека и за тоа треба да се вложат дипломатски напори за неговото објаснување.

Ги нема Каракачанов и Захариева, а Заев се смешка во Атина и говори нешта кои не би требало ни да ги помисли. Да не се повторувам, немојте да дојде денот кога ќе излеземе на демонстрации да ја бараме “омразената“ Захариева за министер за надворешни работи на Бугарија. Моите информации (обично многу точни) говорат дека имаме некои емисари кои бараат Kаракачанов сега малку да омекне, демек ќе успеел со по мек став на наредните избори. Смешно…

Заев се подсмева на Бугарија и нуди сојуз на Грција, а сите ние се смееме со него и за него…плачењето обично доаѓа покасно и ненајавено!



Слични Објави