НЕШТО ЌЕ ТЕ ПИТАМ БАБО…
Не дека името на Тодор Александров требаше да се стави на катна гаража, ама ако претходниците на Заев го ставеа на библиотека никој немаше да го види…
Денеска „проевропските“ пратеници од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ (Мијалковистичка) преку својот член Сашо Василевски им кажаа на граѓаните на РМ дека Уставот може и да се менува, ама мандатот на богот Гру не смее да се чепка, оти сега не е време за тоа. Сега требало левицата и десницата во Македонија да се помират за да тргнат заедно по патот кон ЕУ и НАТО. Плускавци на нозете им излегоа на граѓаните од одење по тој пат, ама крај нема. Амнестијата ќе искочи европска вредност. Арно им текна за помирување, ама доцнат како месечен циклус (најава дека на пат е да се роди нешто одвратно и извитоперено, како сè што досега, ни беше сервирано од страна на „државниците“ од двете страни во собраниската сала).
За време на Шарената револуција сите згради поврзани со тогашниот „режим“, „јадеа“ куртони со боја, само зградата на Белата шампита остана бела. Неа ја чуваа со оклопни возила бидејќи беше дворецот на богот Гру. Сега тој дворец е замрзнат, јер правдата и мирот дојдоа. Денес мандатот на Груевски е поважен и од Уставот на земјата… тешко дека ќе се најдат јунаци, да го земат тој „свет“ мандат велат и едни и други СДСМ(овци) и ВМРО(овци). Па сега размислете дали не е топ времето да се пушти муабетот дека катната гаража „Тодор Александров“ ќе се преименува во „Беко“ (валда ради комшиите од полициската станица).
Во моментот додека го пишувам овој напис, се одвива протест за правда за Никола Груевски… а за правдата за граѓаните нема кој да протестира, оти ниедна партија нема копче за тоа.
Каде да ја бараат правдата родителите на децата со посебни потреби? Каде да ја бараат правдата родителите на девојчето што се удави додека бегало од бездомно куче? Протест за тие правди кога… или да ја прашам бабата од песната за Стариот?
Денеска главна тема беше мандатот на Груевски, утре пак ќе се цитираат „бомбиве“ што демек беа на Заев, ама накрај испадна дека биле на Мијалков… реалните проблеми можат да почекаат. Важно е сега да се помириме и да го продолжиме патот кон ЕУ и НАТО, а дека за таму услов е да нема судии од „тефтерчиња“ ќе му ја мислиме кога ќе ги екстрадираат од Грција таман навреме осознаените бугарски државјани Христо и Неџби… со други зборови – никогаш!!!
Автор: Батко Тане