Ние или Тие? – Историјата нема да ни прости ако продолжат да бидат Тие
Проф. д-р Звонимир Јанкулоски за НетПрес
До кога ќе го живееме зомбираниот сон за jугословенската социјалистичка Македонија на бившата рециклирана комунистичка елита и нивните наследници? Изгледа дотогаш додека не расчистиме со комунистичкото минато и митот за него и, секако, додека не го демонтираме разузнавачко безбедносниот систем креиран да го одржува во живот тој мит и злото што го генерира. Можеби затоа независна Македонија никогаш не ги изгради потребните механизми за легитимирање на новиот демократски поредок што недвосмислено ќе го разликуваа од поредокот пред 1991 година. Нормално дека вакви механизми што требаа да не’ одвојат од комунистичкиот олош како општество не беа можни, зашто рециклираните комунистичките елити беа премногу зафатени со дизајнирање алтернативни начини за вршење контрола врз општеството што се трансформираше, со цел да обезбедат задржување на власта по падот на стариот режим. Клучни во овој процес беа тајните служби кои целосно се ангажираа во обезбедување алтернативни форми на надзор и активна контрола во политички, економски и технолошки променетата реалност.
Затоа веднаш по независноста се пристапи кон преземање на стратешките сектори од страна на старата, демократски „нашминка“ комунистичка елита. Овие сектори вклучуваа безбедност, правосуден систем, банкарство, масовни медиуми и новите електронски комуникациски системи (меѓу нив и новоформираната област на обезбедување пристап до интернет и надзор). Со оглед на тоа што овие стратешки домени веќе беа силно контролирани од тајните служби, тие станаа природна и најдобро информирана сила во овој процес. Паралелно со овој процес, а со цел да се амортизираат новите алтернативни политички елити, веднаш по осамостојувањето беше осмислена нова стратегија, во која беа распоредени сложени тајни операции за инфилтрирање, поделба, обликување и искористување на опозицијата. Затоа триесет и четири години по независноста на државата, наследниците на озлогласената тајна полициска служба на комунистичкиот режим остануваат неосвоиви и неодговорни – неоспорни победници на неуспешната трансформација на земјата.
Реформирани на хартија овие служби во почетокот беа екипирани и раководени од практично истите луѓе и нивните наследници, како и старата добра УДБА. Овие личности, во и околу разузнавачките служби, создадоа силни, неформални оперативни мрежи кои доминираа во клучните сектори на новото демократско живеење во Македонија, инфилтрирајќи се во медиумите и политичките партии, и преземајќи ја целосната контрола врз меѓународната трговија и банкарскиот сектор. Ваквата инфилтрацијата на безбедносните служби следеше две стратегии. Едната беше да имаат оперативци, или компромитирани личности подложни на уцени во сите медиумски куќи и партии. Втората беше, службите да основаат свои медиуми и партии. И, секако, да ги детекираат и амортизираат непријателите на вака креираниот систем, применувајќи ги критериумите од еден пропаднат и недемократски режим. Како што гледаме и слушаме од некогаш првиот човек на АНБ, разузнавачко безбедносните служби никогаш не ја напуштиле идеолошко политичка компонента во детектирањето на непријателите на државата.
Упатените велат дека оние што денес ги држат лостовите на безбедносно разузнавачкиот систем во Македонија се наследниците од старата гарда на „удбаши“. Иако, можеби навидум се нова генерација „безбедњаци“ тие размислуваат по стари линии, како што размислувале нивните учители и родители. Тоа е заедница што ја држат заедно семејните врски и мрежите што ги преплетуваат политиката и бизнисот. Затоа никој од нив до денес не одговарал за флагрантно кршење на човековите права од страна на разузнавачкиот систем во случаите на злоупотреби на тој систем за идеолошки политички цели. А, ги имаше многу. Се ми изгледа така ќе биде и со најновата афера за злоупотребите на АНБ за политички цели. Зашто системот креиран да го штити сонот за Социјалистича Македонија секогаш бил под нивна контрола. Ако некој има дилеми со оваа констатација нека ги погледне имињата кои се вртат околу прислушувањето и следењето на ВМРО – ДПМНЕ од независноста до денес и како биле детектирани вистинските „непријатели“ на државата Македонија, според нивните критериуми за безбедносни закани по државата.
Одамна има доволно докази за „длабока држава“ во Македонија, со корени во нереформираните разузнавачко безбедносни служби. Нереформирани, со болна перцепција за новата реалност, овој сервис стана средство за уцени на компромитирани политичари, медиумски професионалци, судии, обвинители и кого се не, а посебно оние кои беа закана за рушење на сонот за Југославија и Социјалистичка Македонија. Разузнавачко безбедносниот сервис си ја направи Македонија своја „прчија“, претворајќи се во дифузен квази политички гигант во мафијашки стил. Време е ваквата состојба во разузнавачко безбедносниот сектор да се промени. Тоа мора да се направи под итно. Не е доволна нова реформа на хартија (ги имавме многу), потребно е менување на загноената идеолошки поразена свест кај луѓето што ги екипираат истите. И, секако, мора да има судска разрешница за луѓето што креирале „државни непријатели“ врз нивни субјективни критериуми за тоа кој се е безбедносна закана за државата. Затоа овојпат ударот мора да биде силен и решителен, зашто Македонија е во прашање. Од деведесетите години па наваму прашањето е: Ние или Тие. И, секогаш беа Тие. Време е да бидеме Ние, зашто историјата нема да ни прости.

