| |

Никола Груевски и „патот за враќање“

Владимир Перев

1. 
Со Никола Груевски никогаш не сум се сретнал. По заминувањето на Георгиевски од лидерската позиција на ВМРО ДПМНЕ, сметав дека на младиот лидер и (тогаш евентуелен) иден премиер, треба да му се помогне. Набрзо се разбра дека “ниту јас нему сум му потребен, ниту тој е со желба да направи нешто за мене“. Потоа тргнаа работите, тој стана премиер и го започна силовитиот пат за приклучување на Македонија кон ЕУ и НАТО, а целата македонска јавност со восхит го гледаше неговиот и подемот на Македонија. Потоа дојде заседанието на НАТО во Букурешт и надежите се разбија, но остана илузијата за успех. 

2. 
Кајзеровата и Хитлеровата Германија во 20-от век ја научија горката вистина дека не може да се војува на два фронта (Трамп допрва ќе ја учи, ако успее), Дека Молткеовата доктрина е добро напишана но невозможна за реализација, па и Двете војни завршија со пораз, вистински крах на Германија. Подоцна и надобудната и агресивна политика на Клемансоовата Франција, ја платија сметката, заедно со жртвите од целиот свет. 

3. 
Груевски војуваше на два фронта – против Грција и Бугарија…и ја загуби “војната“. Грција си ги доби своите привилегии, а Бугарија, повикувајќи се на решенијата од македонскиот парламент и од потписите во ЕУ, полека ја приведува борбата кон крајот. Тоа ќе биде во нивна полза. Јасно е дека не можеш во Европа да добиеш “војна“, против закоравените институции на ЕУ, дури и повеќе, ако сојузници ти се Србија и Унгарија, а во сенка стои Кремл. Во борбата за “признавање“ на македонската нација, историја и “славно“ минато, Груевски беше поддржан од шепа интелектуалци од стариот комунистички ков, конвертирани во вмровци и од масата народ кои на Facebook го воздигнуваа до небо. Затоа и падна од власт, затоа и народот се сврте против него (што и не беше толку важно) колку што против себе ја сврте целата меѓународна јавност. 

4. 
Иако народот и приврзениците го славеа како херој, тој се обиде да се извлече од изречената казна затвор. Ја направи неговата најголема грешка – побегна од државата. Тоа беше крајот на митот за неговата личност и дело, крајот на човекот кој сакаше и веруваше дека ќе ја “воздигне“ оваа несреќна, конвертитска и навистина често пати неблагодарна нација. Не само кон него…ние сме неблагодарни кон нашите историски херои. Ако останеше, ќе отидеше во Идризово и ќе излезеше по неколку месеци (систем на аболиции, толку сакан кај нас), ќе сочуваше дел од својот углед, но ќе останеше лажливиот мит креиран од него и шепа потрчковци за Александар Македонски и “нашата“ слава. Сега, сето тоа умре, тој е сѐ уште слободен, но митот за него како творец на “херојското минато и истата таква иднина“ умре. Без мит, нема личност, денес тој е само сенка на сопствената величина.  Митот живее само во него!

5. 
Денес медиите говорат за неговото враќање, говорат дали ќе биде повторно суден, дали делата застареле, но сите еднодушно говорат дека ќе биде уапсен. Затоа, најдобро за него е да не доаѓа. Нема да може да го издржи “патот на враќањето“ и искушенијата што се на тој пат. Нека само се јави на телефон на еден друг повратник, Даравелски и нека го праша како му е денес во “неговата татковина“…ама да инсистира на чесен одговор. 

6. 
Во мојата семејна историја имам многу примери на оние кои заминале во Бугарија или некаде по светот и на оние кои останале под новиот режим на Тито. Оние кои заминаа, никогаш не се вратија. Остана само нивниот сентимент по родната грутка и надежта “дека со нас овде, работите се во ред“. Татко ми Харалампи Перев, неговите пријатели д-р Асен Татарчев, семејството Светиеви од Битола (оние кои останаа живи) д-р Петар Брдаров, па ако сакате и еден Ченто, останаа во Македонија со своите судбини. Беа апсени, малтретирани и понижувани, но секогаш останаа верни на “каузата и идејата“…затоа што идејата не беше умрена, беше како искра во пепелта, секогаш готова да пламне. И пламна, по првите избори во самостојна Македонија, но пламенот брзо беше згаснат…Груевски тоа не го знае, не го почитува и нема “филинг“ за судбините на другите, но и за иднината на државата. Неговата идеја за Александар Македонски беше “фалш“, а реалните можности да се оствари беа помали од нула. Најдалеку можевме да стигнеме до тивка елинизација на Македонија и до реализација на заложбите на Костурскиот владика Каравангелис за единството на “античните македонци“ и елините. Тоа никој не го посакуваше. 

7. 
Груевски не треба да се враќа во Македонија. Таа сега е веќе Северна Македонија и ситуацијата е битно променета. Тука веќе нема никаква ролја дали има или нема пари, колку е богат (или не) и каде ќе ги пласира парите. Него го сакаа, го обожаваа по ФБ (па макар и бедни платеници), сѐ заради неговата илузија од идеја. Денес веќе нема никаква идеја за него, во неговите идејни планови веќе никој не верува, а неговите замисли за животот во Македонија и во Европа веќе никого не го интересуваат. Тој е бивш човек на пропадната, злосреќна идеја, човек без приврзаници кои ќе го негуваат неговото его и ќе ги воспеваат неговите идеи. 

Тој тоа не може да го поднесе, тој ја нема силата и достоинството на нашите претци, не ја носи со себе силата на идејата. Обичен технократ, кој треба да си го бара “местото под сонцето“ некаде во светот. 



Слични Објави