Николовски: Дали една од цените за влезот во Владата на Алијансата е убавата куќа која му е поклонета на Таравари?
Пратеникот Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ прашува дали Арбен Таравари е уценет за да Алијанса за Албанците да влезе во Владата. Од собраниската говорница, Николовски потенцираше дека Таравари купил куќа во Тафталиџе за 500 евра квадрат, а посочи и дека немало трансакција ниту на 150.000 евра по кои куќата била продадена. Според него, ова е цената за новата коалиција СДСМ-Алијанса за Албанците.
„Чесно е денес пред јавноста да се одговори и за личните интереси поврзани со криминалот и корупцијата. Овој Арбен Таравари кој го гледам изминатиов период не го познавам. Па затоа јавно прашувам, дали се работи за уцена и од кој вид е уцената? Дали природата на уцената е една убава куќа во еден елитен дел на Скопје во Тафталиџе, која што Арбен Таравари ја доби на поклон? Зошто велам на поклон, бидејќи пријавил дека куќа од 261 квадрат купил за 150 илјади евра. Добро прашање е како во центарот на Скопје се купува по 500 евра квадрат, каде не влегува дворот и помошните простории и добро прашање дали тие 150 илјади евра се воопшто платени. Дали една од цените за влезот во Владата е убавата куќа која му е поклонета на Таравари?“, рече Николовски.
Пратеникот праша: „Како граѓаните купуваат куќа по 2000-3000 евра квадрат во овој дел на Скопје, а двајцата функционери ја купуваат од 200 до 500 евра по квадрат, под услов и тие пари да се платени?“.
„Алијансата за Албанците реши да влезе во Владата и да го продолжи животот на можеби најслабата Влада која Македонија некогаш ја видела и Влада која не може да се пофали со ниту еден сериозен успех. Ако не знаете како изгледа политичка корупција и проституција, еве ја сега. Затоа што во Македонија, изборите губат смисла. Која е поентата да има избори, ако сите сакаат да влезат во Влада. Која е понетата Алијансата за Албанците да излезе да се бори со ДУИ, ако сакаат и едните и другите да бидат во Владата..“, посочи Николовски.