НИКОЛОВСКИ: ПОЗИТИВНАТА ОЦЕНКА ОД ГРЕКО ПОКАЗАТЕЛ ЗА ЈАСНО ИЗРАЗЕНАТА ПОЛИТИЧКА ВОЛЈА ЗА КРАЈНО ИСКОРЕНУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА

//

Позитивната оценка од ГРЕКО е потврда и показател за нашата јасно изразена политичка волја за спречување и крајно искоренување на корупцијата, рече денеска вицепремиерот Љупчо Николовски.

На заедничката прес-конференција со министерот за правда Бојан Маричиќ и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Николовски напомена дека во Извештајот, ГРЕКО позитивно го оценува донесувањето на новиот поприменлив Кодекс за етичко однесување на именуваните функционери, дава експлицитен позитивен коментар за измената на владината Уредба за примање подароци, но го поздравува и транспарентното објавување на имињата на сите советници во Владата.

Николовски најави дека во претстојниот период интензивно ќе продолжи спроведувањето на системските реформи што ќе доведе, како што оцени, до создавање функционален систем, со транспарентни институции во служба на граѓаните.

-Ми претставува особена чест што денеска повторно имаме позитивна оценка од Телото на Советот на Европа кое се занимава со мониторинг на антикорупциските стандарди во земјите (ГРЕКО) која се однесува во делот на имплементација на исполнување на препораките. Во извештајот за усогласување на Република Северна Македонија кој се однесува на исполнувањето на Препораките од Петтиот круг на евалуација на тема „Превенција од корупција и промовирање на интегритет на централната власт, ГРЕКО нотира напредок во делот на препораките за борба против курупција. Тоа е показател за јасно изразената политичка волја за спречување и крајно искоренување на корупцијата, истакна Николовски.


Со Кодексот за етичко однесување на именуваните функционери, потсети вицепремиерот, освен министрите и замениците министри, се опфатени сите функционери именувани од Владата, до најниско ниво.

-Особено е потенцирано дека се постапува согласно одредбите од Кодексот, односно дека веќе има слуачи на разрешени функционери поради прекршување на Кодексот. ГРЕКО дава експлицитен позитивен коментар за измената на владината Уредба за примање подароци, подготвена од страна мојот Кабинет и Министерството за финансии. Со оваа Уредба точно се пропишани процедурите за примање на протоколарни дарови од странски и домашни, физички и правни лица. Воедно сумите за протоколарни подароци на максимални 20 евра. Исто така се поздравува транспарентното објавување на имињата на сите советници во Владата, на официјалната веб страна. Во извештајот е нотирано дека веќе е изработен тест за интегритет на советниците на функционерите, преку кој се утврдува нивото на интегритет и способноста за детектирање за евентуални ризици од корупција. Со тоа ќе се проверат личните и професионални карактеристики на највисоките државни функционери како и нивото на познавање на практиките на антикоруптивно и добро владеење. Целта на овој тест е воочување на потенцијално ризичните коруптивни состојби, истите да бидат пример за останатите и секогаш во предвид да се има јавниот интерес, рече вицепремиерот.




Николовски информира дека во делот на назначување лице за интегритет и судир на интереси, се препорачува да ја прифатиме и имплементираме сугестијата на ГРЕКО во Етичкиот кодекс јасно да се пропише позиција на посебно лице за интегритет, надлежно за давање совети и насоки на министрите и другите функционери и нивните советници во случај на појава на етички дилеми кај нив.

-Заедно со програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје работиме на изработка на компаративна анализа за потребата од донесување на закон за потекло на имот и капитал а во изработката учествуваат меѓународни и домашни експерти. Со тоа конечно се воведува контрола на капиталот и се отвара патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот, соопшти вицепремиерот.


Тој се осврна и на мерките за борба против корупцијата содржани во оперативниот План, кои, како што рече, се јасна политичка волја на Владата и имаат за цел искоренување и сузбивање на корупцијата, со утврдени механизми за соработка меѓу сите институции, како домашни, така и меѓународни.

-Голема е честа за нас како држава и како Влада, кога меѓународни организации нотираат напредок, особено во делот на проблем со кој се соочуваме долго време – корупцијата. Ова е особено важно за нас како земја која забрзано го спроведува евроинтеграцискиот процес. Токму борбата против корупцијата и криминалот е меѓу највисоките наши приоритети во рамката „Акција 21″, втор по ред приоритет за оваа 2021 година. Спроведувањето на системските реформи, кои уште позасилено ги продолжуваме во периодот што следи, ќе доведе до создавање функционален систем, со транспарентни институции во служба на граѓаните и тоа е нешто што е наша задача и обврска. Нашата цел е да работиме за да создадеме подобар живот за секој наш граѓанин, преку чесни функционери и отчетни институции, кои ќе работат во интерес на граѓаните, истакна Николовски.

Претходна статија

ИЗМЕНИТЕ ЗА ОПРЕМАТА ЗА ОТПЕЧАТОЦИ ОД ПРСТИ СЕ ГОТОВИ, НА ПОТЕГ Е ЏАФЕРИ

Следна статија

ОД УТРЕ НЕМА ОДЛОЖЕНА ОТПЛАТА НА КРЕДИТИТЕ

Најново од Вести