Нов министер, стари приоритети: И Меџити ќе го средува хаосот од возила на Клиника, а има план и за новиот клинички центар
Една недела откога ја презеде функцијата министер за здравство, неврологот Фатмир Меџити ги соопшти приоритетите. И тој, како и сите негови претходници ветува дека прво што ќе направи ќе биде да најде решение за хаосот од возила во Клинички центар. Втор на листата приоритети му е ажурирање на позитивната листа на лекови оти не е обновена повеќе од десет години. Трет приоритет во неговата програма е зголемување на платите на здравствените работници за пациентите да добијат квалитетно лекување, а како ногу битни прашање за решавање, министерот Меџити го наведе и новиот клинички центар и регионализација на болниците за што вели дека има детаљни проекти.
„Во нашата програма наш приоритет како прво ќе биде да го решиме сообраќајниот хаос во Клинички центар. Се консултираме со сите институции, со сите засегнати страни и размислуваме тоа да го решиме во најбрз можен рок. Како второ да ја ажурираме промената на позитивната листа која не е ажурирана над 10 години. Како трето и многу битно, за пациентите секогаш да ги добијат најдобрите, најквалитетните, најиновативните аспекти во третманот на лекување и ќе направиме напори со сите институции со Фондот за здравствено осигурување, Министерство за труд и социјала, Министерство за финансии и со поддршката од премиерот да можеме да ги зголемиме платите на здравствените работници. Јас доаѓам од фелата на лекарите во Клинички центар, многу е битно ние да можеме да направиме нов ургентен, интернистички тријажен центар. Другото многу битно прашање кое долго време се поставува во државата кое е од голема итност и треба убаво да размислиме и да го продолжиме проектот за нов клинички центар и да направиме регионализација на сите болници во државата. И за регионализацијата и за клиничкиот центар имаме детален проект во програмата како ќе се одвиваат работите понатаму“, најави министерот Меџити.
За зголемување на платите на здравствените работници новиот министер Меџити е оптимист и вели дека мора да се најде заедничко решение за тие мартовската плата што ќе ја земат во април да биде со зголемување.