Папата Франциско: Жените размислуваат поинаку од мажите, тие се ориентирани кон иднината
Папата Франциско ги осуди насилството и предрасудите кон жените и нагласи дека обезбедувањето еднакви можности за жените може да помогне да се создаде помирен и поодржлив свет.
Во предговорот на книгата објавена на веб-страницата „Ватикан њуз“ на Меѓународниот ден на жената, папата ги нагласи разликите меѓу мажите и жените, но повика на еднаквост во различностите на игралиште отворено за сите играчи.
„Сакам да мислам дека жените, доколку може да уживаат целосна еднаквост на можности, би можеле во голема мера да придонесат за неопходните промени кон свет на мир, вклученост, солидарност и целосна одржливост“, рече папата. Тој накусо се осврна на Денот на жената на крајот од својата неделна аудиенција на плоштадот Свети Петар во средата кога побара од толпата да „аплаудира за сите жени затоа што тие го заслужуваат тоа“.
Папата Франциско во минатото ја осудуваше дискриминацијата на жените, но како и неговите претходници, тој ги отфрли женските свештеници. Католичката црква учи дека само мажите може да станат свештеници затоа што Исус избрал мажи за свои апостоли.
„Мислењето на жените се разликува од она на мажите“, напиша папата во предговорот на „Повеќе женско лидерство за подобар свет“. Тие посветуваат поголемо внимание на заштитата на животната средина, нивниот поглед не е насочен кон минатото, туку кон иднината“, рече тој.
„Жените разбираат дека раѓаат со болка за да постигнат голема радост: даваат живот и отвораат огромни, нови хоризонти. Затоа жените секогаш сакаат мир“, нагласи тој. Папата рече дека жените мора да бидат платени исто како и мажите за еднакви улоги и ја нарече разликата во платите голема неправда.
Франциско назначи неколку жени на лидерски позиции откога стана папа, а минатата година рече дека „секогаш кога една жена добива позиција во Ватикан, работите се подобруваат“, пренесе „Индекс.хр“.


