Нов оглас за избор на тројца кандидати за судија во Судот за човекови права во Стразбур
Министерството за правда го распиша новиот оглас за избор на тројца кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. За разлика од претходно, рокот за пријавување е продолжен на 30 дена, наместо досегашните 15. Членовите на новоформираната комисија ќе мора да работат со забрзано темпо, зашто изборот треба да се заокружи навреме пред јануарската сесија на Советот на Европа, кога ќе се избира македонскиот судија.
Новина во постапката е воведувањето на меѓународен сертификат како задолжителен доказ за познавање на двата официјални јазика во Советот. Дополнително, за утврдување на „висок морален углед“, ќе се бара потврда дека за кандидатот не е изречена правосилна пресуда и дека против него не се води кривична постапка.
Претходната листа на кандидати – судијката Габриела Гајдова, обвинителката Ленче Ристоска и адвокатот Јордан Апостолски – беше поништена со одлука на Владата.

