Ние, заложниците на „десетте величествени“…
Владимир Перев
Депонијата Вардариште гори, а половина, ако не и цело Скопје се гуши во неподносливи чад и смрдеа. Тоа не е така од вчера или од ова лето или зима. Така е повеќе од четириесет години, за ниту една власт во оваа држава да не преземе елементарни мерки за спречување на отровите кои ги загадуваат воздухот и почвата, загадување кое ќе го платат идните генерации-нашите деца! Конечно, овие денови жителите на населбата Аеродром протестираат на една од најфреквентните крстосници во градот, протестирајќи и молејќи за помош, за себе и иднината на нивното потомство. Протестите си личат како “глас на жедниот во пустина“…одговори од власта нема, а дискусии до бескрај! Сепак, од сето кажано на протестите, се издвојува гласот на разумот на еден граѓанин кој смирено и резигнирано, пред тв екраните кажа дека „ние сме заложници на 30 луѓе кои палат таму, континуирано и никој тоа не го спречува…“
Прав е човекот, ама тоа не се триест луѓе, тоа се само десетина непрокопсаници кои палат жици, кабли и друга пластика за потоа на други непрокопсаници да им го продадат бакарот и металот како старо железо…сите знаат кои се тие, и едните и другите, и продавачите и купувачите!
Во земјава сите сме заложници на неколку десетини недопирливи, продуцирани од власта и поддржани од секоја власт.
1.
Отворете ги наутро нашите “независни“ телевизии и радија, отворете ги во било која доба од денот или ноќта, ке чуете десетина познати гласови кои секојдневно, редовно и упорно ја трујат нашата национална мисла, нашата желба за подем, го трујат најчовечкото во нас-нашата амбиција да се справиме со проблемите. Одвратните познати гласови на мажи и жени, платени, мотивирани или само со болни умови, секојдневно го трујат етерот со некакви космички завери против Македонија и македонството, прекорувјќи не нас, дека не сме на висината на идеите на “нацијата, одбрана од Бога и раководена од нашето мудро раководство“, додека тие, мизерниците скриени во “мракот на етерот“, можат да ги нарекуваат другите како предавници, издајници, платеници на странски сили и што уште не. Плачливите гласови на граѓаните од “гласот на народот“ редовно нѐ потсетуваат за “убавото време на Тито и на Југославија, кога немаше граници, со црвениот југословенски пасош секаде се одеше на светот, а секое семејство, одеше на годишен одмор барем два пати во годината…“ Новинарите ги слушаат тие глупости на екранот, некои од нив не биле ни родени во тоа “среќно време“ и мудро климаат со главите, сето тоа во традицијата на најдоброто соцреалистичко новинарство, никогаш заборавено кај нас.
2.
Не повеќе од десетина луѓе во земјава се носители на програмската политика на нашите медиуми. Тие се одговорни за малкуте добри работи во медиумите и одговорни за многуте глупости и лудости во програмската политика. Тие се одговорни за насилието во веќе легендарните кај нас “турски серии“, за достапот на вербални насилници низ медиумите, за стерилната образовна политика, за недостатокот на солидна образовна продукција и конечно, за несомнениот шунд во медиите, увезен најчесто од српска, турска или шпанска продукција. Затоа секојдневно гледаме насилни мажи од азијатските пространства, зли или расплакани жени во истите продукции, како и кадри кои децата не би смееле да ги гледаат. Гледаме југоносталгија (Звезде гранда и сл.). Ретко може да се видат концерти на класична музика, џез концерти или музички дискусии за нашите пејачи или творци на музика. Затоа една Цеца може да донесе на концерт во Крива Паланка повеќе публика отколку што градот има жители, а другите српски пејачки да пеат на свадби и селско-градски славенства. Во Југославија се велеше дека “македонците најдобро пеат и играат“, ама нашите пејачи ги нема надвор од Македонија, а играчите…
3.
Постои група од десетина солидно образовани луѓе, некои со одлично формално образование. Повеќето од нив работеле како “слободни стрелци“, луѓе кои во животот „никогаш немале шеф и никому не биле шеф“. На медискиот пазар котираат солидно, а нивните недефинирани идеи за слободата, правдата, еднаквоста и Европската унија личат на излитени палта носени од бездомници, палта кои некогаш ги носеле богатите. На пазарот на медиите се солидно етаблирани, добро се платени од своите партиски бази, а идеите кои ги промовираат, без разлика дали се “за“ или “против“ било која актуелна власт, се стерилни, немотивирачки и без последици, како по власта, така и по опозицијата. Тие се платени да го кажат нарачаното, без разлика дали се самите сложни со нивните тиради…тие вршат задача.
4.
Конечно, тука се и десетина професионалци кои функционираат низ медиумскиот простор, низ весниците, порталите, па и понекој во радијата или телевизиите. Тие знаат што говорат, поделени се на два табора, вмровски и сдсмовски, јасно разграничени меѓу себе. И кај нив не е важна вистината, важна е борбата на идеи и визии за иднината на земјата и веројатно се тие единствените во медискиот простор кои пред себе сѝ и пред другите, ја сносат одговорноста за својата позиција. До сега никој од нив не одговарал (барем не со сериозни последици) за своите писанија и идеи, ама никогаш не се знае што носи водата на иднината…
5.
Низ Скопје во вечерните часови до длабоко во ноќта, група од десетина насилници со мотори, ја разбиваат ноќната тишина и го реметат сонот на граѓаните. Сите знаат кои се тие, камерите во градот снимаат и одма можат да се најдат сите учесници на “ноќните трки“. Ама таа десетка од мотонасилници која припаѓа на сите партии во земјава, има врски во највисоките органи на власта. Луѓето кои живеат на Паризанска или околу Католичка црква, ги имаат броевите на нивните коли и мотори, ама се плашат да пријават…тврдат дека власта е со моторџиите, а тие ќе бидат изложени на нивната освета. Дури и некои од функционерите во земјава, вљубеници во племенитиот мотоспорт се нивни пријатели, па тoa некако ги амнестира, на одреден начин. Затоа и останатата, не баш мала бројка на пасионирани моторџии не се дружат со нив, не патуваат заедно и се движат во различни локали во градот. Во меѓувреме, луѓето млади и стари гинат низ скопските улици, најчесто на пешачки премин…
Да се вратиме повторно на оној наш граѓанин кој вели дека “ние сме заложници на триесет луѓе кои…“ нему сега веќе му е јасно дека не се работи баш за триесетина, ами за помалку од стотина луѓе, организирани во „величествени десетки“ кои се појавуваат на сите манифестации, се фотографираат со сите лидери, најчесто молчат во присуство на “газдата“, а говорат со наложителен тон во присуство на помалите од нив. Живеат како светот да е создаден за нив.
На сите им е јасно дека вака не се патува кон ЕУ, дека со “водачите“ нешто не е во ред, ама овде го нема македонскиот Радоје Домановиќ, да ни ја раскаже прикаската за желбите, визиите и слепилото!
Тој пат и нашата неподготвеност се нашето вистинско заложништво.
Изненаден сум дека никој не ја спомена вината на Бугарија за Вардариште, ама длабоко во себе знам, чувствувам…
Бугарија е виновна за сѐ!
