Нова книга открива непознати приказни за Бугарите во Јужна Америка
Дваесет и три животни приказни на Бугари и нивни потомци кои оставиле трајна трага во културата, општествениот живот, политиката и архитектурата во Јужна Америка се собрани во новата книга „Бугарски таленти на јужноамериканска почва“ на Аксинија Иванова и Иван Цанков, јавува Радио Бугарија.
Авторите живеат во Аргентина од почетокот на векот, но одржуваат тесни врски со Бугарија. Тие ја основале Граѓанската асоцијација „Бугарите во Аргентина“, информативниот портал на шпански јазик losbulgaros.com.ar и интернет-радиото „Моја Бугарија“, а создаваат и документарни филмови и книги посветени на бугарските иселеници и нивните потомци.
Како што Цанков изјави за Радио Бугарија, идејата за книгата се родила по средбата со писателка со бугарско потекло од Уругвај. Откако дознале за нејзиното творештво и за нејзината познатост во земјата, Иванова и Цанков ја започнале кампањата „Откриј бугарски талент“, преку која пронаоѓале луѓе со бугарско потекло, разговарале со нив и ги собирале нивните биографии.
Меѓу личностите претставени во книгата е поетот Марио Нестороф, син на бугарски доселеници, кого Цанков го определува како еден од најзначајните таленти на бугарската заедница во Аргентина. Нестороф победил на национален литературен конкурс со песната „Песна за Чако“, а меѓу членовите на жирито бил и Хорхе Луис Борхес. Иако за време на животот не објавил книга, неговите стихови станале песни и се изучуваат во аргентинските училишта. Иванова и Цанков му го посветиле и документарниот филм „Срце како птица“.
Според Цанков, литературата е областа во која Бугарите и нивните потомци во Јужна Америка оставиле особено силна трага.
„Најмногу се писателите. Литературата е најсилно застапена уште од првите бранови на бугарската емиграција во Јужна Америка. Писателот Самуил Стрезов, кој е токму од првиот бран, во свое време уживал прилично голема слава. Првата книга што ја објавил („Анга. Спомени на еден емигрант“ – заб. ред.) дури била претставена во литературните кругови во Франција. За нив била многу интригантна. А за она заедничкото за кое ме прашувате – да, постои и ние секогаш го нагласуваме. Тоа се типичните бугарски особини, кои, мислам, се пројавуваат не само во литературата, туку и во другите области што му овозможуваат на бугарскиот талент да опстојува дури и на туѓа почва. И покрај сите тешкотии на новиот живот во Новиот свет, каде што, знаете, човек мора да се бори за својот живот, за својата положба и за многу други работи. Но токму овој талент е толку специфичен што, каде и да отиде Бугаринот, сепак успева да се развие, да покаже што умее и да изгради име не само во областа во која работи, туку и во новата заедница“, вели Цанков.
Во книгата е претставена и приказната на градежниот инженер Ватјо Коралски, кој пристигнал во Аргентина во 1948 година со диплома и малку пари. Во Тукуман основал сопствена компанија, станал пионер во изградбата на висококатни станбени објекти и ја добил титулата „Заслужен граѓанин“.
Цанков посочува дека бугарската заедница ужива висок углед во деловите од Аргентина каде што е побројна, особено во провинцијата Чако, каде што се наоѓа најстарата и најголемата бугарска заедница.
„Во тие области, каде што бугарската заедница е голема – пред сè во провинцијата Чако, каде што се наоѓа најголемата и најстарата бугарска заедница – таа ужива многу висок углед. Само да објаснам зошто оделе таму – затоа што таму бил центарот на индустријата за производство на памук. Во времето кога немало синтетички ткаенини, памукот бил многу барана стока, постојано имало потреба од работна сила и тие се населиле таму. Тоа е првата заедница што отворила училиште за своите деца. Познати се и по традиционалната трудољубивост, која добро ја знаеме и оттука, и по чесноста – сите овие особини ги поставуваат Бугарите на прилично високо место во заедницата. Другото се бугарските таленти, кои се развивале не само во областа во која работат – да речеме литература, музика, сликарство – туку и во општествениот живот. Има многу личности кои направиле многу и се мошне почитувани во соодветната провинција. Само еден пример: нашиот сонародник Омар Ценов, кој за жал почина, е многу познат писател, верски деец, државник и така натаму. Училиште во неговиот град уште додека бил жив било именувано по него со државен декрет. Само тоа кажува доволно“, вели Цанков.
Книгата содржи и QR-кодови преку кои читателите можат да пристапат до фотографии, аудио и видеоматеријали, меѓу кои и интервјуа снимени од авторите. Изданието е објавено на бугарски и на шпански јазик.
Според Цанков, шпанската верзија е неопходна бидејќи поголемиот дел од денешната бугарска заедница во Аргентина ја сочинуваат потомци на доселеници кои веќе не го зборуваат бугарскиот јазик.
„Има една особеност што сакам да ја објаснам, а која малку се знае во Бугарија за бугарската заедница во Аргентина. Таа во огромно мнозинство се состои од потомци на бугарски имигранти. Единственото нешто што открива дека имаат нешто заедничко со Бугарија е нивното презиме, кое завршува на -off. Тие не знаат бугарски. Поради тоа ние емитуваме и пишуваме на шпански, за да стигнеме до нив. Инаку никој нема да обрне внимание на она што го создаваме ако го правиме на бугарски, иако за нас тоа е полесно. Дури сме добивале критики дека сме бугарски медиум, а пишуваме на странски јазик. Но тоа е причината“, објаснува тој.
Цанков нагласува дека интересот на потомците на бугарските доселеници за земјата на нивните предци постоел отсекогаш, иако дел од нив никогаш не ја посетиле Бугарија.
„Сакам да објаснам дека интересот за нивните корени, за Бугарија, отсекогаш постоел. Тој е постојан. Овие луѓе со кои контактираме и кои ја сочинуваат заедницата веќе стигнуваат до четвртата генерација потомци на имигранти. Нивните први впечатоци биле од нивните предци, од дедовците и бабите кои им раскажувале за Бугарија. Многу добро знаат што е баница, на пример. Ги обожаваат народните носии. За нив Бугарија е нешто многу свето. За жал, мал дел од нив дошле во Бугарија и ја познаваат“, вели Цанков.
Со книгата „Бугарски таленти на јужноамериканска почва“, авторите настојуваат да ги доближат до јавноста животите и делата на Бугарите и нивните потомци кои станале дел од културниот и општествениот живот на Јужна Америка.
