|

Нова лабораторија за претклинички вежби на Стоматолошкиот факултет, инфраструктурата во високото образование забрзано се модернизира, вели Јаневска

На Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денес беше пуштена во употреба нова лабораторија наменета за претклинички вежби на студентите. Инвестицијата е во вредност од 10 милиони денари, а средствата по половина ги обезбедија Министерството за образование и наука и Универзитетот.

На отворањето присуствуваше и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која упатувајќи честитки до образовната установа, изрази задоволство што инфраструктурата во високото образование во Македонија забрзано се модернизира. Тоа, како што рече е исклучително важно за овозможување поквалитетна настава за студентите и создавање на подобро подготвени академски генерации, но и за поквалитетна научно – истражувачка работа.

„Оваа интензивирана активност е резултат на заложбите на високообразовните установи, но и на постојаниот раст на поддршката од државата. Ќе посочам дека буџетот за универзитетите годинава изнесува над 7,5 милијарди денари, што споредбено со 2023 година, пред мандатот на актуелната Влада, изнесуваше 3,8 милијарди или тоа е двојно зголемување“, рече Јаневска.

Министерката изрази очекувања дека многу скоро новиот Предлог закон за високо образование ќе влезе во собраниска процедура и дека истиот преку повеќе права и можности за студентите и професорите, значително ќе го подигне квалитетот на високото образование.



Слични Објави