Нова платформа ќе ги документира случаите на дискриминација врз Бугарите во Северна Македонија
Започна со работа нов веб-сајт, кој има за цел да претставува јавно досие за кршењата на правата на Бугарите во Република Северна Македонија, јавува БГНЕС.
На адресата https://supportbginmk.eu, се собираат и објавуваат информации за случаи на дискриминација, потиснување на права и систематско прогонство на лица со бугарско национално чувство. Веб-страницата документира дејствија извршени како од поединци, така и од државни институции во РСМ.
Иницијативата има за цел да ја подигне свеста за проблемот, како и да изгради доверлива јавна архива со факти, која ќе ја олесни заштитата на погодените лица. Платформата функционира како алатка за собирање на сведоштва, медиумски објави, анализи и правна документација поврзана со положбата на Бугарите во Северна Македонија.
Сајтот е отворен за пријави, документи и сведоштва од граѓани, организации и медиуми кои се поврзани со темата. Главната цел е подигање на јавната свест како во Бугарија, така и на меѓународно ниво.
Во меѓувреме, Комисијата за заштита од дискриминација на РС Македониja утврди дека на социјалната мрежа Facebook е извршена дискриминација по етничка и национална основа кон граѓани на Северна Македонија со бугарско национално чувство.
Станува збор за објава од 16 септември 2024 година, во која се користени навредливи и стереотипни квалификации што поттикнуваат омраза и нетрпеливост, со изрази како „второкласни Бугари“, „Бугарки со комунистичко минато“ и други слични формулации.
„Содржината на објавата навредува, понижува и демонизира граѓани на Северна Македонија со бугарско национално чувство, со што се поттикнува говор на омраза и се создава непријателска и понижувачка околина“, се наведува во ставот на Комисијата.
Комисијата препорача објавата да биде избришана во рок од 30 дена од добивањето на одлуката, а авторот да се извини јавно за содржината. Институцијата истовремено апелираше до медиумите и јавноста да се воздржат од навреди и дискриминација врз етничка основа.
