НОВАТА ВЛАДА ЌЕ ИМА 7 МИНИСТЕРСТВА ПОМАЛКУ

Новата Влада ќе има 19 министри и премиер, наместо досегашните 26 министри и премиер. Бројот на ресори е намален за 7 министри, изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев по седницата на Централниот одбор, што се одржа синоќа.

СДСМ од своите редови како свои предлози ги номинира: Љупчо Николовски за потпретседател на Владата за борба против криминал и корупција, за одржлив развој и човечки ресурси, Никола Димитров за потпретседател на Владата за европски политики, Фатмир Битиќи за потпретседател на Владата за економски политики, Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи, Радмила Шеќеринска за министер за одбрана, Венко Филипче останува министер за здравство. Мила Царовска ќе биде министер за образование и наука , Благој Бочврарски за министер за транспорт и врски, Ирена Стефоска ќе биде министер за култура, Бојан Маричиќ за министер за правда и Јагода Шахпанска за министер за труд и социјална политика.

Истовремено од редовите на коалицијата Можеме за коалиционите партнери од коалицијата Можеме се дадени ресорите земјоделијe кај БЕСА и министерот за локална самоуправа даден на коалициониот партнер ЛДП, рече Заев.

Во новата Влада од 19 министри СДСМ на свои предлог има 11 министри од коишто 8 се министри со ресор плус 3 потпретседатели на Владата кои се предлагаат како министри без ресор со надлежност којашто владата ја дава во областите коишто ги споменав. Од 8-те министри со ресор 4 се жени, 4 се мажи. Остануваме доследни и во вака комплексни ситуации на договарање коалициско во којашто постојат 26 политички партии заедно со партијата ДУИ и испраќаме порака за еднаквост помеѓу мажите и жените во нашата земја. – истакна Заев

Тој истакна дека парламентарното мнозинство ќе го почитува духот на заедничкото работење кое подразбира конструктивна соработка, дијалог, почитување различно мислење базирано на аргументи и градење на консензуална демократија наместо паралелизам, етноцентризам и надгласување.

Партиите СДСМ и ДУИ веќе ги усогласуваат изборните платформи во заедничка четиригодишна владина програма. Она што е јасно дека главен фокус ќе биде ставен на јакнење на економскиот стандард, зголемување на платите и пензиите, отворање на нови работни места и привлекување на нови странски инвестиции како и директна поддршка на домашната економија. Во делот на судските реформи ќе инсистираме на силна транспарентност и конкретна одговорност во поглед на прераспределба на предметите, како и работата на сите обвинители и судии. Следува прочистување на судството и проверка на потеклото на имотот и парите на функционерите. – потенцираше Заев.

Според договорот на коалиционите партнери, претседателот на Собранието и во наредните 4 години ќе биде Талат Џафери, а во Владата од редовите на ДУИ влегуваат Артан Груби како прв вицепремиер и министер за политички систем, Фатмир Бесими како министер за финансии, Бујар Османи ќе биде министер за надворешни работи, Крешник Бектеши ќе го води Министерството за економија, Насер Нуредини животната средина, а дополнителнио ќе биде утврден министерот за информатичко општество, најави лидерот на ДУИ Али Ахмети.