НОВИ РОЧИШТА ЗА „ТИТАНИК“ И „ТИТАНИК 3“ НА СЈО
Во Кривичниот суд денеска треба да продолжи судењaта за изборни нерегуларности „Титаник“ и „Титаник 3“ на Специјалното јавно обвинителство.
Претходното рочиште на „Титаник“ беше одложено поради отсуството на членот на судечкиот совет, судијата Огнен Ставрев.
Предметот, кој го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова, се наоѓа во доказна постапка.
Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Ново рочиште денеска треба да се одржи и за предметот „Титаник 3“ во кој се обвинети Ејуп Аљими и Исмет Гури од ДУИ. Тие се товарат дека како членови на Општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништувале изборен материјал.