Ново обвинение за пожарот во „Пулс“
Обвинителството поднесе обвинителен акт против уште едно лице во случајот со трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, каде на 16 март годинава загинаа 62 лица, 157 беа тешко, а 65 полесно повредени.
Новиот обвинет, сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, се товари дека заедно со други одговорни лица не постапил според законските обврски, дозволил небезбедни услови, влез на малолетници и внес на пиротехнички средства, со што била предизвикана трагедијата.
Истрагата покажала дека тој фактички раководел со агенцијата и давал инструкции на обезбедувачите, а по пожарот се обидел да формира ново правно лице за да ја продолжи дејноста. Обвинителството побара од судот продолжување на мерките куќен притвор и останатите ограничувања.
