Ново рочиште за Ива Михаилова од Кочани, одбраната најавува постапка пред судот за човекови права во Стразбур
Денеска се очекува ново судско рочиште во случајот на Ива Михаилова од Кочани, која има и бугарско државјанство и речиси една година не смее да го напушти родниот град по сообраќајната несреќа од 7 октомври 2025 година. Нејзината одбрана најавува дека случајот ќе го изнесе пред Европскиот суд за човекови права, јавува БНТ.
Според информациите објавени од Бугарската национална телевизија (БНТ), Михаилова бара дозвола да замине на лекување надвор од Северна Македонија, но досега добила осум негативни одлуки – четири од Основниот суд во Кочани и четири од Апелациониот суд во Штип.
Михаилова тврди дека нејзината здравствена состојба се влошува и дека медицинската документација укажува на потреба од итно лекување.
„Лекарите во Скопје, во „Мајка Тереза“, рекоа дека состојбата ми е усложнета и физички секој ден се чувствувам сѐ полошо. Имам потреба од итно лекување во странство, бидејќи интервенцијата што ми е потребна ја нема тука“, изјави Михаилова за БНТ.
Нејзиниот адвокат Николај Димитров изјави дека барањата за лекување биле поткрепени со медицински документи издадени од здравствени установи во Северна Македонија. Според него, судовите не треба да ја оценуваат медицинската потреба спротивно на доставената документација.
„Едниот чекор што сигурно ќе биде преземен е до Европскиот суд за човекови права, што ние со мојата клиентка ќе го направиме веднаш“, изјави Димитров. Тој, исто така, постави прашање дали врз институциите што одлучуваат по барањата се врши политички притисок.
Михаилова вели дека е под постојан полициски надзор, дека цивилни полицајци престојуваат пред нејзиниот дом и дека над куќата се користат дронови. БНТ јавува дека полицајци се појавиле и во угостителскиот објект во кој новинари од Бугарија разговарале со неа.
На денешното рочиште нема да присуствува бугарскиот пратеник Ангел Георгиев, претседател на парламентарната комисија за Бугарите во странство. Според доставените информации, тој претходно присуствувал на рочиштата од почетокот на јули, но синоќа не му било дозволено да влезе во Северна Македонија.

