Нуредин Нурединај од Гора: „Мора да се вратиме кон човечките вредности и да го зачуваме нашиот идентитет“
Извор: Радио Бугарија
Нуредин Нурединај потекнува од историско-географскиот регион Гора во северо-источна Албанија, каде што 90% од жителите се идентификуваат како Бугари (Попис 2023 година).
Иако неговите корени се од Гора, Нуредин од детството живее во главниот град Тирана, каде што завршил средно јазично училиште со англиски и шпански. Продолжувајќи го своето образование, во 2009 г дипломирал „Право на Европската Унија“ во Бугарија, а во Тирана брани втор магистерски труд – „Право на институции и државен менаџмент“. Моментално е доктор по миграциско право, има своја адвокатска канцеларија во албанскиот главен град, преведувач е на бугарската амбасада и со различни активности ги поддржува своите сонародници од бугарското национално малцинство.
Го прашуваме Нуредин како сам си го пробива патот на толку конкурентно поле како што е правото, зарем не е тешко?
“Не би рекол. Секој што сака да биде успешен мора да се потпира главно на себе. И секогаш има тешкотии. Животот е таков што ако не се соочиш со тешкотии, не можеш да успееш и да станеш силен. Лично јас се фокусирав на законот за имиграција, следејќи го искуството на моето семејство, нашите секогаш работеле во владината администрација, а татко ми, дедо ми и прадедо ми, сите имаа високо образование и имаа став дека човек треба да се образува, да се бори, за да ги постигне своите цели. Затоа им велам на сите луѓе од бугарското малцинство дека е важно да се продолжи со нивното образование, за нашата етничка припадност, за нашата иднина.
Иако одамна ја напуштил Гора, Нуредин Нурединај не престанува да работи за каузата на Бугарите во Албанија и за нивната подобра иднина.
„Откако имам договор со бугарската амбасада како заколнат преведувач, повеќе од 10 години работам за бугарската кауза. Постигнавме многу работи, но ни претстои уште многу работа. Областите населени со Бугари мора да се развиваат, да имаат нормална инфраструктура, добри училишта, а бугарската култура полесно да допре до нашиот народ. Понекогаш тоа е тешко поради оддалеченоста и лошата инфраструктура.
Нам што живееме во големите градови ни е лесно. Но, за луѓето што живеат во селата не е така. Немаат доволно информации, не знаат што се случува околу нив и во светот. На пример, не знаат дека имаат можност за стипендија за време на студирањето, не знаат дека како Бугари можат да добијат високо образование во Бугарија, субвенционирано од државата, не знаат дека и покрај постариот јазик , зборуваат ист јазик како Бугарите во Бугарија и дека можат многу брзо и лесно да се приспособат во Бугарија и во бугарските универзитети. Со истиот јазик што го зборуваат дома, можат да успеат во Бугарија, дури и без посебни јазични курсеви“.
Какви луѓе се Бугарите од Гора? И како може да им се помогне за побрзо да почувствуваат поддршка?
„Искрено, луѓето од Гора се познати по тоа што се многу љубопитни и по тоа дека сакаат да учат. Многу од нив работат во државната и општинската администрација, во приватни организации, во бизнис секторот. И секаде се успешни. Бидејќи се отворени кон другите, немаат предрасуди кои можат да станат пречки. Но, на секој процес му треба време, со оглед на тоа низ какви историски периоди сме поминале – комунизам, транзиција во демократија итн., работите не можат да се развијат за година-две.
Веќе спомнав дека луѓето немаат доволно информации и не знаат дека Бугарија ги поддржува, не знаат каде и што да бараат. И сега е најдобро време да им посветиме повеќе внимание, да инвестираме во нивните училишта, да инвестираме во луѓето, за да продолжат да ги почитуваат нивните традиции, да ги штитат нивните културни вредности и нивниот бугарски идентитет. Ова е наша задача, која бара и време и трпение“.
Во регионот на Гора работат многу млади наставници, кои исто така го сакаат најдоброто за своите сограѓани, но и да се усовршат и да станат подобри во своите професии.
„Ова е факт – тие се млади по возраст, но имаат голема желба да дадат свој придонес во образованието – ги потврдува нашите согледувања Нуредин. – Тие сакаат да го продолжат своето образование, да завршат магистерски студии во Бугарија, а потоа да се вратат и да го применат стекнатото знаење овде, на бугарски јазик, се надевам дека ќе бидат успешни. Затоа работиме, а и со закон имаме право да отвораме курсеви по бугарски јазик“.
До неодамна, многу Бугари не знаеја дека имаат сонародници во Албанија, дека има стара бугарска заедница. Но, според Нуредин Нурединаи, ова се менува многу брзо.
„Кога бев студент, никој од моите колеги не знаеше дека има Бугари во Албанија. Кога им кажав дека сум Бугарин, никој не ми веруваше, иако зборував бугарски. Дури и откако им го покажав моето уверение за бугарско потекло сите беа изненадени како има Бугари во Албанија, но, ми се чини дека повеќе луѓе знаат за нас, а има малку повеќе информации фала богу, затоа што сите работевме за ова – барем бугарската држава да знае дека има Бугари во Албанија.
А односот на Албанците кон Бугарите овде е прекрасен. Не третираат со почит, не прифаќаат како дел од општеството, како блиски пријатели. Има дури и една поговорка која вели дека нашиот најдобар сосед е бугарскиот сосед“.
Т.е. нормално и добро се интегриравте во албанското општество, нели?
„Да. И ќе дадам пример од мојот живот. Кога тргнав на училиште, не знаев албански јазик. Дома зборувавме само на бугарски. Но, не сум имал никакви пречки. А како Бугарин, не сум имал никакви проблеми – ниту на училиште, ниту на факултет, ниту во населбата во која живеам. Татко ми, кој работи во државната администрација, исто така никогаш немал никакви пречки поради неговото потекло“.
И на крај, пораката на Нуредин до Бугарите во Бугарија и ширум светот…
„Да не заборавиме од каде доаѓаме, да работиме на зачувување на нашиот идентитет, да ги зачуваме нашите традиции и култура. Светот е потопен во консумеризмот. И го уништува нашиот идентитет и нашето сопствено чувство за тоа што сме, кои сме и од каде доаѓаме. Не може сè во овој свет да биде материално. Да се вратиме кон нашите вредности.

