| |

О2 ИНИЦИЈАТИВА СО ПРАШАЊЕ ДО ВЛАДАТА: КОЈ КОЛКУ ДОНИРА ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТО?

Потребни се стотици милиони евра за да се намали загадувањето на воздухот, а со буџетот што го имаме е невозможно, изјави министерот за животна средина Садула Дураку во интервју за вестите на Алсат.

Дураку официјално потврди она што ние го тврдевме и што многумина го знаат дека со издвоените 2 милиони евра за Планот за чист воздух нема да се направи ништо суштински.

Средствата од собраните даноци поврзани со животна средина се потребни. Фондот за животна средина беше ветен како итен реформски приоритет во ПРВИТЕ 6 месеци, како гаранција дека средствата добиени од такси за животна средина ќе бидат наменети исклучиво за проекти за подобрување на квалитетот на животната средина. Очигледно средствата за кои велеа дека ќе одат ИСКЛУЧИВО за животна средина, одат за други потреби.

Со оглед дека постојано се говори за транспарентност на Владата, јавно бараме да објават, каде точно одат средствата собрани како даноци за животна средина? Во буџетот за 2018 каде биле искористени, а во буџетот за 2019 за што се планирани? Министерство за финансии?

Постојано ни се потенцира и податокот дека во различни министерства за различни активности за заштита на животната средина се одвоени околу 20 милиони евра. Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули лицитира со ваков податок, па редно е да се објави.

Јавен апел до Влада на Република Македонија и Драган Тевдовски, Министерството за финансии, да ги објават детално овие активности по министерства за да видиме каде, колку и за што се наменети.

Само да потенцираме дека одвоени средства за НАМАЛУВАЊЕ на АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО и за заштита на животната средина не е едно те исто.

И за крај, колку донации се обезбедија од донаторската конференција во декември, а и инаку. Колку кој донирал и за која намена? Дали се обезбедија најавените 2,5 милиони евра од шведската агенција СИДА за поправка и обнова на мерните инструменти? Кога ќе се набават нови мерни инструменти?

Со оглед дека координирано се одвива Планот за чист воздух, според најавеното, помеѓу сите чинители, централна, локална власт и други фактори, потребна е објава на сите очекувани и планирани активности, одвоени средства за оваа година. Ја поминавме првата недела на февруари, до сега сиве информации треба да се добро познати и утврдени.
Ја повикуваме Владата да ги објави вкупните планирани активности за Планот за чист Воздух за оваа година.

Го повикуваме и портпаролот на Владата Миле Бошњаковски да помогне во координацијата за обезбедување на овие одговори, зошто тешко се добиваат.



Слични Објави