ОБЕЗГЛАВЕНА СТАТУА НА ХРИСТОФОР КОЛУМБО ВО БОСТОН

Статуа на Кристофер Колумбо остана без глава во Бостон, друга беше оштетена во Мајами, а трета соборена во Сент Пол, Минесота, по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој беше убиен од бел полицаец.

Италијанскиот истражувач со години е предмет на контроверзии во САД. Морнарот од Џенова, кој замина во историјата како човекот што ја откри Америка, честопати се смета за еден од симболите на геноцид против домородните Американци и домородците воопшто.

Десетици американски градови ги заменија прославите на Денот на Колумбо во октомври – кој стана празник во 1937 година – со ден на сеќавање за домородните народи. Но, ниту Бостон ниту Њујорк, кој има силна италијанска заедница на која овој ден е посветен, не го сторил тоа.

Во Бостон е отворена истрага за обезглавување на споменикот, но досега никој не е уапсен, изјави портпаролот на локалната полиција.

Градоначалникот на Бостон рече дека статуата ќе биде отстранета и се чека конечна одлука за нејзината судбина.

„Како и црнците во оваа земја, домородците беа малтретирани. Ова движење е моќно, а обезглавувањето на споменикот е многу симболично“, рече жена стоејќи пред оштетениот споменик во Бостон.

Во Мајами, Флорида, статуата сместена во паркот била оштетена со црвена боја, а било напишано: „Животите на црнците се важни“.

Друга статуа на тој истражувач беше срушена во вторникот вечерта во Ричмонд, Вирџинија, и со помош на јаже беше влечена до езерото и фрлена во него.

Движењето, кое ги напаѓа симболите на американско робовладетелско и расистичко минато, ги погоди и другите земји, особено Велика Британија и Белгија, каде што во последните денови биле уништени статуи што претставуваат фигури од колонијалната ера.

„Ројтерс“ јави дека денеска е срушена статуа на Колумбо во Свети Пол, Минесота.

Извор: makfax