|

Објавени фотографии од патниците на летот Лондон – Сингапур по силните турбуленции

Едно лице загина во авион од Лондон за Сингапур поради силни турбуленции, а неколку лица се повредени, јавува „Би-би-си“. Локалните медиуми информираат дека повеќе од 20 се повредени.

Авионот „Боинг 777-300ЕР“, кој летал за Сингапур, бил пренасочен кон Бангкок и слетал во 15:45 часот по локално време. Авионот превезувал вкупно 211 патници и 18 членови на екипажот, се наведува во соопштението за печатот на авиокомпанијата.

Сингапур ерлајнс објави дека летот SQ321, кој летал од Лондон Хитроу до Сингапур, наишол на сериозни турбуленции.

„Можеме да потврдиме дека има повредени и еден смртен случај во Боингот 777-300ER. Во авионот имало вкупно 211 патници и 18 членови на екипажот. Сингапур ерлајнс изразува длабоко сочувство до семејството на починатиот“, соопшти компанијата.

Тие додадоа дека „соработуваат со локалните власти во Тајланд за да им ја пружат потребната медицинска помош на повредените“ и испраќаат тим во Бангкок за да обезбеди дополнителна помош.

Авионот полетал во 22.38 часот по Обединетото Кралство, но морал да се пренасочи кон главниот град на Тајланд, а слетал во 15.45 часот по локално време (9.45 часот по Обединетото Кралство) во вторникот. Леташе на височина од 37.000 стапки (11.280 метри) пред да падне на височина од 6.000 стапки (1.830 метри) за околу три минути, покажуваат записите на летот.

Тајландските власти испратија дополнителни амбулантни возила и екипи за итни случаи на аеродромот Суварнабхуми. Се уште не е јасно што точно се случило во авионот.

Турбуленциите не се невообичаени за време на летовите, но сериозни инциденти како овој се ретки.

„Постојат некои сугестии дека авионот удрил во „воздушен џеб“ пред да мора да изврши итно слетување“, рече дописничката на Sky News од Азија, Корделија Линч.

„Повредите предизвикани од тешки турбуленции се релативно ретки во контекст на милиони летови што се случуваат низ светот. Сепак, тешките турбуленции може да бидат драматични и да доведат до сериозни повреди или, за жал, во овој случај, смрт“, рече Џон Стрикленд“, експерт за воздухопловство, за Би-Би-Си.

Летечките екипи имаат ресурси да ги предвидат турбуленциите и се обучени да реагираат кога ќе се појават, рече Стрикленд. „Не за џабе компаниите препорачуваат безбедносните појаси да останат врзани за време на летот, било да е тоа долг или краток“, додаде тој.



Слични Објави