ОБНОВЕНА МУЗЕЈСКАТА ПОСТАВКА ВО ЗАВОД И МУЗЕЈ СТРУМИЦА

Истакнато Култура

Во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица, утре, 18 мај, во 12 часот, свечено ќе биде отворена обновената музејска поставка „Струмица и струмичко низ историјата“…

Постојаната поставка на Завод и Музеј – Струмица која е поделена на археолошки, етнолошки, историски и оддел на историја на уметност, се изложени над 1000 исклучително значајни артефакти кои се дел од богатото културно-историско наследство на градот и регионот собирано во минатите 60-тина години. Истовремено поставката преку мултимедијалниот пристап ја раскажува приказната за градот Струмица и Струмичко низ историјата.

Во археолошкиот оддел се претставени артефакти од најраните фази на праисторијата, односно неолитот, енеолитот, бронзеното и железното време, прибирани од археолошките истражувања во последните 20-тина години на локалитетите Ангелци, Голема трпеза, Цареви Кули и Штучка река.

Тука се сместени и артефакти пронајдени за време на истражувањата на локалитетите Цареви Кули, Драгулево, Црвено Поле, Термалното лекувалиште во Банско, Орта џамија, Средновековната црква во подножјето на Цареви Кули, Св.15 тивериополски свештеномаченици, Св.40 Севастиски маченици во Банско, црквата Св.Леонтиј во Водоча, Ќерамидарка во Мокриево и други локалитети. Богато илустрираниот период од доаѓањето на словените во регионот па се до ослободувањето на Струмица 1944 е сместен во историскиот оддел.

Етнолошкиот оддел на поставката е застапен со предмети кои ги илустрираат старите струмички занаети, поледелството, сточарството, ловот и риболовот, покуќнината, ткаениците, традицоналниот накит, носиите итн.

Во одделот на историјата на уметност пак се прикажани уметничките творби од регионот кои се однесуваат на иконописот, живописот, како и струмичките ликовни уметници кои твореле во минатите педесетина години.

На осовременувањето на постојаната музејска поставка, и претходеа и активности за реновирање на фасадата во делот на архивската и музејската зграда. Проектот се реализираше со финансиска поддршка на Министерството за култура.