| |

ОБРАЗОВАНИЕ ВО МАКЕДОНИЈА? НЕ, БЛАГОДАРАМ!

Задолжителна лектира за I одделение во Социјалистичка Федеративна Република Југославија во 80-тите години на 20-иот век?
Точен одговор-Зоки Поки од Оливера Николова
Задолжителна лектира за II одделение во Република Северна Македонија во 2019 година?
Точен одговор-Зоки Поки од Оливера Николова

Све је исто само Њега нема! Болна реалност на нашето образование. Без да го оспорувам квалитетот на гореспоменатата лектира, сакам да истакнам дека во овие 40-тина години човештвото ги освои вселената, длабочините на океаните, врвовите на планините и пространствата на прашумите и пустините. Само ние си останавме таму кај што си бевме.
Е сега се чудиме зошто нема напредок, нема идеи, нема просперитет! Е нема ни да има, јадна наша Македонијо. Нели уште ги мачиме нашите деца да „бубаат“ непотребни податоци за лица и земји кои никогаш нема ниту во сон да им притребаат, нема да имаме напредна младина.

Самите си ги осакатуваме нашите деца преку убивање на сето она истражувачко, љубопитно во нив. Им го переме мозокот со наставна програма постара од 50 години и наместо да ги учиме да се стремат кон откривање, докажување, споредување, ние ги туркаме кон вкалапување на нивните генијални мозочиња. Кај нас ниту во наредните 200 години нема да имаме истражувачи и пронаоѓачи и тоа од единствена причина-поради нас самите!

Скандинавците се поим за нас, не само затоа што живеат во средени држави, со правна сигурност и јака економија, туку и поради напорите кои ги вложуваат во иднината. Иднината преку децата. Не ги оценуваат децата, не ги присилуваат да учат нешто за кое немаат афинитети, туку ги охрабруваат и потикнуваат да се снаоѓаат во реалниот живот, во општеството. Да бидат член на заедницата, кој за свое добро работи и за доброто на општеството, на државата.
Тие не „бубаат“ напамет, туку се учат како и каде да ги најдат податоците и да ги искористат. Знаат дека сето она што им е потребно го има, само треба да побараат и да го вклопат во својот проект, своето истражување. Само ние овде измислуваме топла вода и се фалиме дека имаме мозоци за извоз.

Проблем е што успешните навистина ни бегаат, затоа што овде ништо не им е предизвик да останат. Само се губат квалитетите на оние што малку поразлично го сфатиле образованието и што сепак оделе пошироко од она што им била задолжителната наставна програма.

Нашето образование не треба да се ревидира. Треба да се укине целосно и да се воспостави целосно нов образовен систем, каде на прво место ќе бидат децата и нивното остручување, преку едукација и пракса кои ќе им бидат генерална проба за животот кој ги очекува.
Не се исти децата сега со оние некогашните. Овие се high-tech генерации што не смееме да ги гушиме. Им требаат само крилја, кои ние со нашето образование не им ги даваме.

Вчера беше денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј. Вечна им слава и огромно благодарам за она што ни го дале на нас, Словените. Ни ја додоа основата на писменоста, азбуката и ни дадоа можност да не останеме при очи слепи. Е сега слепилото доаѓа од нас самите, кои сме заслепени дека времето стои и дека науката е еднаш засекогаш, од Бога дадена.

Дајте во корист на нашите деца, идните генерации, да менуваме, да развиваме и унапредуваме, затоа што образованието е основа на сиот општествен живот и напредок. Преку неквалитетно образование, се губат нациите. Да не дозволиме и ние да станеме една од изумрените нации во историјата. Да се бориме НЕ да опстанеме, туку да се истакнеме. Затоа образованието пред сѐ.
Дајте веќе 24 Мај да не биде само слободен празничен ден. Да биде Ден на словенската писменост, ден на нашата историја кој не опоменува дека мораме да имаме иднина.

Автор: Перица Спасовски, претседател на Граѓанско Демократска Унија- Куманово

Слични Објави