Од друг агол
Став на Никица Корубин
Кој е аголот од кој се посматраат нештата е главната премиса на пропагандата. А, бидејќи нашиот медиумски простор е претворен во пропаганда, односно оставено е слободно поле за ширење на секаков вид манипулации, лажни вести, дезинформации, дискредитации и параноја; аголот се јавува како клучен. “Гледај и слушај” тоа што е сервирано, а не она што вистински се случува. Бидејќи, всушност тоа што вистински се случува, се чини дека полека излегува од контрола на нашата “јавност”. За почеток, барем делумно.
“Тоа што се случува”, според темите кои се наметнуваат намерно, мора да е нешто многу сериозно. Зошто инаку, “од под маса” би се ваделе меѓуетничките односи, на пример? Или директно кажано, Албанците и сите придобивки од Охридскиот договор, наваму? Дали сте се запрашале, зошто Бугарите моментално се на stand by? Антагонизмот се “оддржува на живот” само преку флоскулите на опозицијата која и пркоси на ЕУ, во псевдо-патриотски, и реал-авторитарен стил “не по бугарски диктатат”. Инаку, молк. Може да здивнат, албанофобијата е во полн залет.
Ако, Бугарите и односот на “јавноста” кон нив, се синоним и параван, за чистиот антиевропски став, тогаш Албанците и односот на “јавноста” кон нив се синоним и параван за чистиот антидржавен став. Во кој секој ја добива(л) својата улога, зависно од моменталната потреба на партократијата и “власта на клановите”, статусот на решените проблеми со соседите и степенот на евроинтеграцискиот процес. И бидејќи дојдовме до последното скалило, до самиот почеток на преговорите и отворањето на поглавијата, “активирани се сите механизми”. За кочење, стагнирање, па дури и дезинтегрирање.
Од тој друг агол, вистинското прашање не е зошто сега се покрена обвинението за Скопје 2014, туку кој се’ е изненаден од неговото покренување, да не кажам кој се’ (не) знаел?
Од тој друг агол, не е прашањето, дали ќе се одржи “Отворен Балкан”, туку зошто воопшто влеговме во него, а и зошто упорно не излегуваме, вака преполовен и соголен?
Од тој друг агол, не е прашањето дали “има криминал во ДУИ”, туку која е улогата на ДУИ во евроинтегративниот процес, а и која е улогата на “криминалот” кај македонските партии?
Од тој друг агол, не е прашањето за применливоста на Охридскиот договор, туку прашањето е за свесно дезавуирање на било кој договор, и “збивање на редовите”, кај “македонските партии”, под премисата на премисите: “од ова држава не бидува … ако ние не владееме со неа”?
Од тој друг агол, не е прашањето за суспендирање на системот и заробување на државата, туку прашањето е кој ги заробува партиите, синдикатите, коморите, академијата, универзитетот, религиозните заедници, медиумите, системот и државата и постапува спротивно на интересите на граѓаните: членство во ЕУ, како единствен модел во кој можеме да се спротиставиме на “домашните заробувачи”?
Оваа “експлозија” на незадоволство, овој неконтролиран наплив на сеење секаква омраза, овој јасен антиевропски наратив, овој “фашистички антифашизам”, оваа “згрозеност од независната Северна Македонија” и “егзалтираност од поранешната зависна БЈРМ”, овој селективен “македонизам” со строго наменски антиалбанизам и антибугаризам, во услови на сензитивен регионален контекст и глобална несигурност; ја разголе до крај инфантилната, незрела, насилничко-поданичка “политика”, која е лајтомотив за нашата партократија: уцени, зграби и искористи.
Па, токму со тие “светли примери” од соседството, осоколени од општата несигурност, што точно преку уцени (кон ЕУ) сакаат да зграбат (моќ и власт) и искористат (стабилност, опасност од војна), нашите партии и партократи? Кој ги подучува на вакво поведение? Затоа, што сила, моќ и знаење, за ништо од ова немаме. И наместо, сериозност и партнерство кон НАТО и ЕУ, а одговорност, отчетност и владеење на правото кон сопствените граѓани; како држава нудиме “патриотизам”, а бараме награда, како “жртва”? А, единствена жртва нашата иднина.
Затоа што од тој друг агол, кој треба да се скрие со сета “врева и галама” на секојднева доза “ништо не чини”, главното прашање до сите е: зошто на ЕУ и е побитна иднината на Северна Македонија, како функционална и нормална држава, отколку на сите кои одлучуваат за тоа, кај нас? Затоа што да не беше така, ова ќе беше главниот агол на гледање, без калкулации, меѓусебно кокетирање, “игра со оган”, кочење, опструирање и ламентирање. И суштинското прашање ќе беше: уставни измени кога? Ако се измерија рејтинзите, и се направија сите (лични и колективни) калкулации, кој и што добива, може ли конечно и барем еднаш државата да дојде на ред? Онаа истата, без која ништо од ова нема да биде можно.


