Половина ден на Володимир Зеленски во Софија
Пишува: Иво Иванов/ Радио Бугарија
Првата историска посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на бугарската престолнина траеше половина ден. По реакцијата и подготовката на бугарските медиуми на почетокот на денот, обичниот гледач и слушател се почувствува како да се наоѓа во претставата „Ревизор“ на Гогољ. Сите чекаа, разговараа, интензивно се расправаа за „високиот гостин“, но ништо не беше сигурно, тука ли е, ќе дојде ли, што ќе каже, што ќе праша, што ќе биде….? Вакво медиумско внимание и безбедносни мерки во Софија добија само американскиот претседател Бил Клинтон во 1999 година, за време на војната во Косово, и папата Јован Павле Втори во 2002 година.
Украинската делегација предводена од Зеленски напладне со авион на бугарската влада од Кишенев слета во Софија. Во центарот на главниот град, во таканаречениот триаголник на власта, гостите прво беа примени во Владата на Република Бугарија.
„Самата посета на Володимир Зеленски е многу важна. Тој е вистинскиот лидер на слободниот свет во моментов. Можеме да кажеме дека не Џо Бајден (претседателот на САД) и не Урсула фон дер Лаен (претседател на Европската Комисијата), а во вистинска смисла Зеленски е тој што, може да се нарече знамето на нашата слобода во моментов… И тој не само што дојде во Бугарија, дојде да се заблагодари, тој го нагласи ова, еднаш за воената помош, а исто така и за украинските бегалци“, изјави за БНР проф. д-р Димитар Вацов, професор по филозофија во „Нов бугарски универзитет“.
По разговорот со кабинетот на премиерот Николај Денков, Зеленски изјави дека е договорено „да се зајакне соработката со Бугарија во одбранбениот сектор. Помошта што ни ја давате, ние се потпираме на оваа соработка, која ни помогна да заштитиме многу луѓе. Ги продолжуваме разговорите за третманот на украинските војници во вашата земја. Разговаравме за соработка во областа на енергетиката – ова станува еден од приоритетите за соработка меѓу двете земји. Сметаме на вас за идното членство на Украина во ЕУ и НАТО“.
Иако Зеленски ja посети Бугарија на покана на Владата, според протоколот и бугарскиот претседател Радев го прими својот колега во претседателството на бул. Дондуков бр.2.
„Средбата меѓу двајцата претседатели беше многу интересна. Видовме индиректен, но прилично отворен судир меѓу две различни тези. Едната е тезата на нашиот претседател Румен Радев, кој долго време повторува дека давањето воена помош за Украина ја вовлекува нашата земја во војна. Ова го изјави и Дмитриј Песков, портпарол на (рускиот претседател) Владимир Путин, по повод посетата на Зеленски на Бугарија. Ова е теза која ја поддржуваат многу проруски кругови низ Европа, оние кои ги организираат маршевите за мир и неутралност, кои не се случуваат само кај нас. Тие го велат истото, веднаш мора да се бара опција за мир. Страните треба да се воздржуваат од заземање страна во конфликтот во Украина, односно и да не и помагаат на Украина.
Сакам да ја изразам нашата солидарност со народот на Украина и со жртвите од оваа сурова војна, која се уште беснее во моментов, рече претседателот Радев на почетокот на средбата.
Заленски го праша домаќинот зошто не го поддржува потпишаниот бугарско-украински меморандум за помош со муниција. „Вие тоа го кажувате како врховен врховен командант – за да не ослабне вашата армија или бидејќи не го поддржувате зајакнувањето на Украина. Тоа се различни работи. Сè што имате во вашата армија ќе биде недоволно за да се борите против Руската Федерација, ако дојде до тоа. Не, затоа што вашата армија е слаба, тоа не би било доволно да се борите против земја од 160 милиони жители, па затоа е добро да се даде можност на луѓето да се бранат. Војната нема дистанца. Ако, не дај Боже, стане трагедија, ако луѓето кои имаат заеднички вредности со тебе не ти помогнат со оружје, што ќе правите“, изјави Зеленски пред Радев.
Поранешниот заменик-министер за надворешни работи Љубомир Кјучуков за БНР коментира дека „се чини дека оваа посета е поважна за Бугарија отколку за Украина.
„Наместо да доминира бугарската симпатија, се чини дека во политичките коментари и оценки е нагласена украинската оценка. Остануваме со впечаток дека не ѝ е потребна нашата помош на Украина, туку на Бугарија и е потребна украинска легитимација, што во одредена мера е израз на внатрешно политички комплекси и обиди за меѓународно профилирање на некои бугарски политичари“.
Украинскиот претседател не зборуваше пред пратениците во парламентот бидејќи партиите „Вазраждане“ и БСП не сакаа да го слушнат, но се сретна со парламентарните сили на мнозинството кои ја поддржуваат одбраната на Украина.
За разлика од класичното дело, нема финална сцена од претставата „Ревизор“, посетата на Зеленски на Софија заврши со исклучително отворена и емотивна прес-конференција за бугарските медиуми. Разговорот ќе остане историски, но не затоа што се одржа во Националниот историски музеј, туку затоа што пред бугарските медиуми Зеленски јасно демантираше сите тези на руската пропаганда во Бугарија.