Oд Германија и Австрија стигна потврда дека се преговара за плаќањето на рускиот гас во рубли
Две водечки европски енергетски компании потврдија дека преговараат со рускиот државен енергетски гигант „Газпром“ за начинот на плаќање на рускиот гас, а во исто време тврдат дека сакаат да дејствуваат во согласност со санкциите на ЕУ, но и новите руски правила, кои бараат од западните земји за гас да плаќаат во рубли.
„Сметаме дека е можна конверзија на плаќањата во согласност со законот за санкции и руската одредба. ‘Унипер’ ќе продолжи да плаќа во евра, oдносно е во разговори со својот договорен партнер (‘Газпром’) за конкретни модалитети во плаќањето и тоа го прави во блиска координација со германската влада“, соопштија од германската компанија „Унипер“.
Слична порака испрати и австриската ОМВ: „Го анализиравме барањето на ‘Газпром’ за начинот на плаќање во пресрет на санкциите од ЕУ и сега работиме на решение што е во согласност со санкциите“.
Ваквиот развој на настаните следува по прекинувањето на испораките на гас за Полска и Бугарија од страна на Русија, со што драматично ескалира нејзиниот одговор на санкциите што Западот ги воведе кон земјата поради инвазијата на Украина.
Претходно денеска, британскиот весник „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата, напиша дека големите дистрибутери на гас во Германија, Австрија, Унгарија и во Словачка планираат да отворат сметки во рубли кај Газпромбанк во Швајцарија за да го задоволат барањето на Русија за плаќање на гасот во таа валута.
Извор: Temite
