Од каде доаѓа „големата љубов“ на Вучиќ кон македонскиот јазик
Фб статус на Зоранчо Маринков
Како што е познато, претседателот на Србија, Александар Вучич на неговата средба со македонскиот претседател Стево Пендаровски, на 2 август во манастирот “Св.Прохор Пчински” изјави дека: “Срби воле Македонце и македонски језик, као и да Срби признају и “одлично разумеју македонски језик, баш као што Македонци говоре и разумеју српски језик”.
Интересно е да видиме од каде доаѓа оваа голема љубов на Србите кон македонскиот јазик. Дали можеби не е од фактот дека првите кодификатори на македонскиот јазик – според МАНУ, биле српски агенти кои работеле за реализирање на српските политички цели во Османската империја? Или пак можеби љубовта доаѓа од фактот што автор на првиот многутиражен буквар напечатен на македонски јазик бил Милојко Веселинович – член на главниот одбор на великосрпското друштво “Св.Сава” од Белград, управител на Светосавската вечерна школа, а подоцна и српски конзул во Скопје.
Во Повелбата за македонскиот јазик на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) од 3 декември 2019 год. го пишува и следното: “Стандарниот македонски јазик е кодифициран од органите на Народна Република Македонија во мај 1945 год., а на оваа службена кодификација ѝ претходат повеќе индивидуални и групни зафати за кодификација на македонската азбука и правопис (“Речник од три јазика” на Ѓорѓија Пулевски од 1875 год. и неговата “Словенско-населенска македонска слогница речовска” од 1880 год., “Македонскиот буквар” од Коста Групче и Наум Евро од 1888 год., делото на Крсте Мисирков, т.н. илинденска кирилица и други.”
Огромно мнозинство од луѓето во Северна Македонија не знаат ништо за едни од кодификаторите на македонскиот јазик – според МАНУ, Коста Групче(вич) и Наум Евро(вич).
Наум Еврович и Коста Групчевич, заедно со Темко Попович и Василије Карајовович, на 24 август 1886 год. присуствуваат на формирањето на друштвото “Св.Сава” во Белград, каде што се донесува одлука тие во Цариград да основаат филијала на тоа друштво, под името “Друштво Србо-Македонци”. Сите четворица добиваат месечна плата од државата Србија за нивната работа како српски агенти.
Писмо од министерот за надворешни работи на Србија, Драгутин Франасович до српскиот амбасадор во Цариград, Стојан Новакович, 1 октомври 1886 год.
“Господине,
Во интерес на постигнување на извесни политички цели на Исток, одредени се за наши агенти: Василко Карајовович, Коста Групчевич, Темко Попович и Наум Еврович. Тие ќе работат на доверените им задачи, а ќе стојат на линија со Вас и Вие ќе им издавате на признаница тримесечна плата однапред, која ќе ви се испраќа од тука:
Платата ќе им се пресметува од 1 Септември оваа година, а месечно им е одредено:
– Василко Карајовович – 360 динари
– Коста Групчевич – 300 динари
– Темко Попович – 300 динари
– Наум Еврович – 300 динари…
Наум Еврович, кој што бил роден во Струга, бил ученик на специалниот отдел на Белградската семинарија за македонци, формиран од Стојан Новакович во 1873 год. Целта на тој оддел формиран за лица родени во областа Македонија, била тие лица подоцна да бидат испраќани во Македонија и да шират српска пропаганда. Откако ја завршува семинаријата, Еврович ја завршува и Вишата белградска школа, а потоа српската влада го финансира неговиот едногодишен престој во Париз на усовршување на францускиот јазик и дипломатија.
Наум Еврович, еден од кодификаторите на македонскиот јазик според МАНУ – а според самиот него најпокорен слуга на српскиот премиер, испраќа писмо до премиерот на Србија, Јован Ристич на 20 јули 1887 год. Писмото е испратено од Цариград, каде што Еврович работи под директна контрола на тамошниот српски амбасадор, Стојан Новакович.
Во писмото се изложени задачите на коишто во Цариград заедно работат српските агенти, родени во Македонија, според планот договорен претходната година со друштвото “Св.Сава” од Белград.
-Да се убеди светот дека Македонците по говорот и обичаите не се Бугари, туку се Срби; постоењето на Бугари во Македонија е плод на бугарската пропаганда; да се отфрли Бугарската Егзархија во Македонија и да се бара создавање на Охридска Архиепископија; да се уништуваат бугарски книги, немилосрдно да се бркаат бугарските учители од Македонија и на нивно место да се поставуваат српски учители; да се печатат весници и учебници за основно училиште на македонски јазик и дијалект, кој што подоцна ќе премине во чист српски јазик; Србија треба тајно да ги помага, со цел на почетокот се скрие од светот нивната вистинска цел.
Во продолжение се делови од писмото на Наум Еврович до премиерот на Србија, Јован Ристич:
“…Секогаш агитирав помеѓу Македонците за целото време додека бев во Софија, во корист на Србија и српскиот народ, како верен на програмата на Вашата политика, дека Македонија треба и мора да биде Српска”.
“Со мојата скромна, ако не се лажам и доста вешта агитација стигнав дотаму, Тајниот македонски комитет, на кој што бев избран за секретар, да одреди делегација од неколку лица овластени од страна на Македонскиот народ, за да наведената делегација се претстави пред Неговото Височество Кралот на Србија и тоа јавно пред целиот свет без никакво заобиколување, со молба, Србија да не земе нас Македонците под заштита и да испрати во Македонија српски учители, затоа што Македонците по обичаите и по говорот им припаѓаат повеќе на Србите отколку на Бугарите.”
“Подоцна повторно се појави желба на наведениот Комитет, да ѝ се представи на српската влада преку г. Деспот Баџович, дека ние Македонците сами ќе почнеме да работиме за Македонија во полза на Србија и на основа на тоа, да издаваме еден весник во Цариград на Македонскиот дијалект, а штом тоа се случи, да се откажеме од Бугарската Егзархија во Цариград и да бараме Охридска Архиепископија и таму да удриме нож во срцето на Бугарија и нејзината пропаганда во Македонија; a Србија во тоа тајно да ни помага до некое одредено време.”
“Штом г.Групчевич дојде од Пловдив во Софија на 20 април оваа година, веднаш побара од српскиот кралски амбасадор г.Данич, заштита во случај на некаква опасност како српски поданик. Г.Данич, на кој што работата му беше веќе позната, направи сѐ, а после три дена по наредба на бившата српска влада, ни даде пари за патни трошоци и не испрати во Цариград кај српскиот кралски амбасадор Стојан Новакович, кој што одлично не прими, и еве не нас сега во Цариград, каде што неуморно работиме по тоа дело.
Одамна би се завршила работата, да не го затвореа Бугарите г.Групчевич, а со тоа не задржаа и нас да не можиме ништо да направиме за делото, но и сега не е касно да се постигне она што се сака, затоа како што ви е добро познато, политиката на сегашната Бугарска влада и на Регентството од ден на ден создава добри возможности, за ние Македонците да се куртулиме еднаш засекогаш од Бугарија.
Најтешко е додека избие пламенот со весникот низ цела Македонија и додека раструбиме по светот, дека Македонците не се Бугари, туку се Срби по говорот и по обичаите/ а со тоа се разбира ќе ѝ докажеме на Русија, дека не беше во право за Санстефанска Бугарија, а Србија да ја напушти и т.н./ па после никаква сила на светот не ќе биде во состојба да ги сврти Македонците на своја рака, освен Србија.”
“Весникот ќе биде како што реков на чист Македонски дијалект со цел, на тој начин да ја привлечеме цела Македонија на наша страна, а од друга страна со тоа да го отстраниме секој сомнеж за агитација, која што агитација би ѝ се припишала на Србија – па потоа постепено да се чистат сите бугаризми, кои што влегле во Македонскиот јазик и така после кратко време весникот сам по себе да се метаморфозира на чист Српски јазик.
Поинаку не е возможно, т.е. веднаш да се пишува на чист Српски јазик; затоа што Бугарите фатиле таков корен во Македонија, што работата меѓу Србите и Бугарите по Македонија би можела да стигне до нож; друг излез за Србија по оваа работа нема.
Освен тоа ќе печатиме книги и буквари, кои се најпотребни само за основно училиште, за да потоа сите Бугарски книги, без турска цензура, а и со цензура, како непотребни да ги фрламе во оган, а нивните учители ќе ги бркаме немилосрдно од Македонија и на нивно место ќе поставуваме Српски учители, како во Солун и Битола, така и по другите места низ Македонија.”
Јас сум сигурен господине, дека на многу луѓе во Србија ќе им биде противно што ние од почеток пишуваме на чист Македонски дијалект, посебно на г.Милош Милојевич, се разбира од чист патриотизам – па ве молам најпонизно, засега сѐ да се остави на страна, па после тоа работата јавно ќе премини во рацете на Србија; бидејќи толку е деликатно ова прашање, што би можело да пропадне од најмал потрес и недоразбирање, па тогаш што сме направиле?”
Писмото се наоѓа во книгата “Граѓа за историјата на македонскиот народ од Архивот на Србија. Том IV, книга II, (1886-1887)”, издадена во Белград 1986 год.
Инаку, Наум Еврович бил духовен татко на воспитаникот на друштвото “Св.Сава” – Крсте Петков Мисирков. Тој бил човекот кој што се заложил кај рускиот конзул во Цариград, Крсте Мисирков наместо српски учител во Приштина да замине на школување во Русија. Во кореспонденцијата меѓу двајцата, Наум Еврович го водел Крсте Мисирков под кодното име “внук”. Предсмртна желба на Наум Еврович, инаку прв градноначалник на Струга после српската окупација во 1918 год., била да биде погребан со книгата на Мисирков – “За македонцките работи”.
“Уште во првата средба во 1888 година во Белград, Наум Евро ќе ги освои симпатиите на Крсте Мисирков, така што тие до крајот на својот живот ќе останат неразделни пријатели.” Определувајќи се за словенска филологија Мисирков пошол во целост по патот на Наум Евро, а и целокупната друга општествено-политичка активност во Русија, тој ја одредува и спроведува под влијание на Наум Евро.”
Овие податоци ги соопштува авторот Петар Чакар во неговите статии – “Влијанието на Наум Евро во животот и творештвото на Крсте Мисирков”, публикувани во весник “Нова Македонија”, јуни 1966 год.
Кој бил Коста Групче, односно Коста Групчевич? Еден од тројцата основачи на друштвото “Србо-Македонци”, заедно со стружанецот Наум Еврович и охриѓанецот Темко Попович. Во 1895 год. Коста Групчевич во Цариград станува одговорен уредник на весникот на српски јазик “Цариградски гласник”, а од 1897 год. и сопственик на весникот. На тоа место останува се до неговата смрт во 1907 год, а после смртта на Групчевич, издавањето на “Цариградски гласник” го превзема другиот српски агент – Темко Попович.
Коста Групчевич бил носител на српските ордени “Свети Сава”, “Крст на Божи гроб”, Данилов орден и на турскиот орден “Меджидие” III степен. Неговата жена, Јевросима била тетка на српскиот министер Панта Гаврилович, а син му Димитрије Групчевич бил чиновник во српското министерство за надворешни работи.
Наум Еврович потоа работи како аташе на српското консултво во Цариград, каде што конзул е токму Стојан Новакович. Тогаш во Цариград е и другиот “кодификатор” на македонскиот јазик, Коста Групчевич.
На 8 јуни 1887 год. Коста Групчевич и Наум Еврович како турски поданици, поднеле молба до Великиот Везир, во која бараат одобрување за издавање на весникот “Македонски глас” во Цариград, но не добиле одговор. Молбата им ја корегирал и ја испратил за превод на турски јазик, кој друг, ако не Стојан Новакович.
Писмо од Стојан Новакович до министерот за надворешни работи на Србија, од 15 мај 1887 год. во врска со молбата на Наум Еврович и Коста Групчевич до Великиот Везир.
“На состанокот пред некој ден ми ја покажаа молбата, која што ја напишаа до турската власт заради добивање дозвола за издавање на весникот. Молбата не покажува на некоја голема сила на перото, но јас нешто ја дотерав и ја упатив на г.А. Бозович да им ја преведе на турски, колку што може, бидејќи на оние јазици што ги разбирам, забележав дека перото во раката на г.А. Бозович не е многу послушно.
Стана збор за името на весникот. Во својата молба, тие ставиле име “Македонија”. Бидејќи весник со такво име, во минатото се издаваше во Цариград од П.Р. Славејков, бидејќи името “Македонски глас” исто така беше употребно во Софија, бидејќи “Вардар” беше употребен како наслов на нашиот македонски календар и бидејќи со тоа име “бојата” може пребрзо да се покаже, се договоривме весникот да носи наслов “Македонски весник”, кое што име, колку што ни е познато, досега во нема носено никој весник. Тоа име и на тенденцијата добро ќе и одговара и би можело под него корисно да се работи. Штом преводот на нивната молба се заврши, тие веднаш ќе се јават, а при мене ќе дојдат да ме известат како стојат нештата.
Што се однесува до правецот во кој што ќе работи “Македонски весник”, истиот се сведува на овие точки, кои што во молбата се јасно обележени:
1. Лојалност спрема Турција;
2. Осудување на бугарските интригантни активности при организирањето на бугарската црква и Егзархијата;
3. Осудување на бугарските интриги и агитации од ослободувањето, до најново време;
4. Желба, Македонија да се развива само од своите сили, оставена на мир од сите (т.е. од бугарските) агитации и проповеди;
5. Јасно одрекување на бугарската народност, без притоа да се истакнува каква било друга;
6. Употреба на македонскиот дијалект без бугарскиот член, со постепено сѐ поголемо мешање со српскиот јазик”…
Еве кои биле целите, и на каков јазик требало да биде печатен “Македонски весник”.
Политичките цели биле:
– Секогаш да ги заштитува интересите на Отоманската империја.
– Да се подигне црковно прашање за откажување на македонците од бугарскиот Екзарх;
– Да се побара создавање на Охридската архиепископија, која ќе биде зависна од Цариградската патријаршијa, а под Охридската архиепископија да потпаднат сите македонски епархии;
– Да се негува пријателство со Цариградскиот патријарх;
– Да ги заштитува и поддржува српските интереси, сè додека тие не се во противречност со турската влада;
-На МАКЕДОНСКИОТ НАРОД да му се насадува СРПСКИ ДУХ, на МАКЕДОНЦИТЕ да му се докажува дека не се БУГАРИ, дека веќе немаат никакви врски со БУГАРИТЕ, дека БУГАРИТЕ се непријатели на МАКЕДОНСКИОТ НАРОД;
-Да ги негува своите национални карактеристики, јазик и обичаи.
-Да развива најенергична пропаганда, бугарските владици и учители да се истераат од Македонија, а на нивните места да дојдат владики и учители, родум од Македонија и воспитани во српски дух.”
Филолошките цели биле:
1.Да се пишува на чисто македонски јазик, но бидејќи македонскиот јазик не е литературно изграден, секој бугарски израз да се исфрли, а да се воведе српски. Како најпотполна азбука за македонскиот јазик да се земе српската, а при пишувањето да се придржува кон српската граматика.
2. На ова списание да работат од 5 до 10 луѓе, од кои тројца – четворица секогаш треба да патуваат низ Македонија за да го информираат народот, да дистрибуираат весници, да собираат претплати и потребни податоци. Бидејќи весникот не може да се издржува од претплата, неопходно е индиректно да се поддржи, да се плаќаат сите трошоци поврзани со печатењето на весникот и да се одреди помош за оние луѓе, кои ќе работат во него.
3. Учители да бидат назначувани веднаш штом се појави потреба. Надзорот над учителите ќе се врши од редакцијата на весникот. Ќе дава предлози до српската влада во однос на тоа колку ќе треба да биде помаган секој учител и т.н.
4. Редакцијата на овој весник, покрај тоа што секогаш ќе на овој весник, ќе напишеи книги на македонски јазик за основните училишта, и во рок од една година ќе ги отпечати во Цариград. Ракописите на овие книги ќе бидат предадени на српскиот амбасадор во Цариград на разгледување и одобрување. Овие книги треба да се печатат за сметка на српската држава.
5. Редакцијата на овој весник ќе добива инструкции и наредби за одредени потреби од српската влада преку нејзиниот амбасадор во Цариград, и тоа за редакцијата ќе биде меродавно”…
Документите се од книгата “Граѓа за историјата на македонскиот народ од Архивот на Србија. Том IV, книга II, (1886-1887)”, Белград 1986 год.
Стојан Новакович воопшто не ја криел вистинската цел и потреба од печатење на учебници на македонски јазик, меѓу кои бил и “Македонскиот буквар” на Наум Евро и Коста Групче од 1888 год. Текст од писмото на Стојан Новакович – кој тогаш е српски амбасадор во Цариград, испратено до српската влада, со датум 21 мај 1888 год.
“Во овој миг го обраќам Вашето внимание на потребата од еден посебен Македонски Буквар за училиштата по Македонија, кој што би требало специјално да се подготви за ширењето на СРПСКАТА ПИСМЕНОСТ и СРПСКИОТ ЈАЗИК во Македонија.
Само вистинските сметки се остваруваат, а во политиката се вистинити само оние сметки во кои што нема ниту малку илузија. Од таа гледна точка и по прашањето на распространувањето на српското влијание во Македонија, како вистинска основа треба да се земат следните точки:
1. Дека македонскиот дијалект е различен и од српскиот и од бугарскиот јазик, но дека има еднаквости и со едниот и со другиот.
2. Дека бугарската пропаганда до сега полагаше голема грижа во тоа, на сите можни начини да ги обележи и истакни разликите помеѓу македонскиот дијалект и српскиот јазик.
3. Дека од српски интерес е да се појде по истиот пат, но стрпливо, солидно и систематски со нови оригинални средства, поединично употребувајќи се што може да ја смали разликата меѓу српскиот јазик и македонскиот дијалект, во спротивност од погоре наведените бугарски стремежи.
Во таа насока ми се чини како најнеопходно составувањето на еден специјален буквар на македонски диалект за Македонија. Во тој буквар би требало со македонскиот да се спои и српскиот буквар, но така да македонскиот претставува две третини, а српскиот една третина, при тоа во вторатата половина. Букварот би требало да се напише со српски правопис, со целото неопходно внимание за вистинска и добра транскрипција на македонскиот дијалект.
Дипломатски архив – Дубровник, ПП одель., Ф. 1 -102/1888 г.
http://www.promacedonia.org/srbi/novakovich.html
Климент Џамбазовски од Охрид, во неговата статија “Стојан Новакович и македонизмот” објавена во списание “Историски часопис”, Белград 1965 год. опишува како течел процесот на создавање на Македонскиот буквар.
“Во текот на мај 1888 год. Стојан Новакович ги повика Коста Групчевич и Наум Еврович, и им го даде букварот на Стеван Чутурило, со цел на неговата основа да го состават “Македонскиот буквар”. После скоро едномесечна работа, тие го составиле Македонскиот буквар и му го доставиле на Стојан Новакович да го оцени. Бидејќи нивните знаења за составување на букварот не биле така големи, тие го преработиле букварот на Стеван Чутурило, внесувајќи само промени во користењето на азбуката, која што сакале да ја приспособат на македонскиот јазик според нивните познавања. Насекаде каде што во зборовите на букварот на Стеван Чутурило се употребувала буквата “ј”, ја замениле со буквата “i”, но исто така ги користеле и буквите “ј” и “й”. Ги исфрлиле од употреба буквите “л” и “њ”, а наместо нив користеле комбинација од “ль=љ” и “нь=њ”. По некаде го употребувале знакот за омекнување “ь”, а во некои зборови на средината од зборот ја употребувале и буквата “ъ”. Букварот го носеше името “Македонски Буквар.”
За потребите на српската пропаганда во Македонија, српскиот министер за образование ангажирал уште еден српски агент – Деспот Баџович, роден во Крушево, за и тој да изработи еден буквар. Одличен другар со Деспот Баџович, со кого заедно учело во Белград, е Наум Еврович. За искусниот српски агент Баџович ова не било прва ваква задача, бидејќи уште во 1874 год. по време кога бил учител по српски јазик во Битола, изготвува “Буквар за србско-македонските основни училишта”. Деспот Баџович во 1888 год. го изработува букварот со име “Буквар за македонски училишта у Турској Царевини”.
Заедничка карактеристика на букварот на Деспот Баџович и на “Македонскиот Буквар” на Наум Еврович и Коста Групчевич е тоа што и двата буквари биле напишани на македонското брсјачко-мијачко наречје.
Министерството за образование на Србија избрало трет буквар за потребите на српската пропаганда во Македонија. Тоа бил букварот на Милојко Веселинович, наречен “Буквар за народне школе” кој што бил напишан на овчеполско-струмичко наречје. Стојан Новакович во Цариград го добил овој буквар и во почетокот на октомври 1888 год. го предал на турските власти за одобрување. Властите во Турција по еден месец разгледување го одобриле издавањето на букварот и пред крајот на 1888 г. започнало неговото печатење. Првото издание било готово на 18 мај 1889 г. со вкупно отпечатени 7.000 примероци од букварот.
Според Климент Џамбазовски, со печатењето на Македонскиот буквар, конечно бил направен првиот чекор во реализацијата на планот за соработка на српската влада со македонизмот, а најмногу примероци од букварот биле испратени во Битолскиот вилает кадешто немало српски училишта и српската влада сакала да ја пополни таа празнина со дистрибуција на српски учебници на македонски јазик. На почетокот на 1891 год. Стојан Новакович доставил барање до министерството за надворешни работи на Србија за печатење на второ издание од букварот, бидејќи првите 7.000 примероци веќе биле распределени. Така на крајот на февруари 1891 год. започнало печатењето на уште 10.000 примероци од букварот.
Нареден учебник, којшто излегол на македонски јазик била “Македонска читанка” од истиот автор како и на Македонскиот буквар – Милојко Веселинович. Тој се зафатил со подготовка на читанката веднаш после печатењето на букварот, и до јули 1889 год. се било спремно за печатење на Македонската читанка. Биле отпечатени вкупно 6.000 примероци и читанката била дистрибуирана во училиштата во Македонија за учебната година 1889/90. Овие податоци се исто така од веќе посочената книга на Климент Џамбазовски.
